Прекината седницата на Комисијата – опозицијата обвинува дека се силува собраниската процедура за коридорите

by fokus

Собраниската Комисија за европски прашања која вечерва требаше да ги разгледа предлог-законските измени за коридорите, го усвои само дневниот ред, а со расправата по првата точка треба да почне утре.

Пред да биде изгласан дневниот ред, процедурално за збор се јавија координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и заменик-координаторката Ели Панова. Тие реагираа дека се прават сериозни прекршувања на Деловникот, како и дека законите што се предложени немаат врска со европската регулатива, ниту се со неа усогласени. За се ова, се заканија Мицевски и Панова, ќе има одговорност. По нив процедурално се јави и Дафина Стојановска, обвинувајќи дека „се прави криминал што ќе се плаќа со пари на граѓаните“.

-Се прават сериозни прекршувања на Деловникот. Нема да ја спомнам денешната седница и начинот како дојдовме до Комисијата. Пленарната седницата заврши во 18.21 минута, а во 18.22 беше пуштена порака дека е закажана 54.седница на Комисијата за европски прашања во 18.45 или за 23 минути. Во 19.21 часот се уште немаше ништо прикачено на е-Парламент за седницата. Пред три минути е ставена седницата. Носиме закони што ќе влечат две-три милијарди евра, а не застанувате да ги погледнеме овие работи. Делегација на ЕУ се изјасни дека употребата на европското знаменце не е оправдана, а и Комората на овластени архитекти и инженери кажа: „Остануваме на ставот дека дел од опишаните процеси не смеат да бидат заобиколени со кратење постапки, а со преиначување на постапките се нарушува професионалниот пристап“. Не се сигурни кој што ќе проектира, какви патишта ќе бидат проектирани – „со недофатливи негативни импликации“, рече Мицевски.

Тој му забележа на претседателот на Комисијата Арбр Адеми дека молчи, без да даде никакви одговори на поставените прашања.

-Дали имаме опструирана дебата? Дали имаме ограничена амандманска расправа? Треба да глумиме дека се е во ред, дека Комисијата функционира, дека тераме по предложениот дневен ред и да завршиме работа. Не знам колку можеме да го спуштиме нивото на оваа институција. Не мора да се чека за пленарна седница десет дена, комисија се закажува за 22 минути, закажувањата се надвор од сите процедури, транспарентноста на седниците е нула. Комисии нема потреба да има зашто Комисијата за европски прашања презема се. Ова што го правите, ќе ни се удри на сите од глава, истакна Мицевски.

Според Панова, владиното мнозинство повторно ја силува собраниската процедура.

-Вакво дрско и безобразно однесување одамна не сме виделе. Ретко кој не слушна до сега за „Бехтел и Енка“, за коридорите 8 и 10д, слушна и ЕУ. И таа и граѓаните опоменуваа. Вашата цел не е ЕУ, туку кражба и затоа денеска на оваа Комисија повторно имаме празни закони. Треба да се засрамите зашто нашите деца ќе ги плаќаат парите за кои вие сега се задолжувате, но вашите џебови ќе бидат полни. Не сте виделе ниту договор, ниту закони, тука сте само да изгласате. Во законите пишува дека нема финасиски импликации, сте ставиле европско знаменце, а внатре стои дека нема усогласеност со европската регулатива. Што е ова, кој ви дозволува вака да се однесувате со прописите во земјава и да си играте со парите на граѓаните?, рече Панова.

И Дафина Стојановска укажа дека Деловникот не се почитува.

-Одите со глава во ѕид. ЕУ кажа дека ова не е европска регулатива. Само назив има на прописот и предлагач, како и негов потпис. Ова е криминал што ќе се плаќа со пари граѓаните. Не се работи за заем или спонзорство и не ја брукате само државата, туку и европската заедница и еминентната американска фирма. Ова не смее да помине, за ова некој ќе одговара, истакна Стојановска.

За дневниот ред на кој се ставени шест точки, петте предлог-законски измени за коридорите и Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, девет пратеници гласаа „за“, а против и воздржан немаше. Адеми потоа ја прекина седницата и продолжението го закажа за утре во 11:00 часот.

На седницата вечерва присуствуваа заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Извор: МИА

Поврзани новости