Задоволни сме од средбата со министерот за земјоделство Ајранит Хоџа и од тоа како се одвиваа разговорите за време на протестот во Неготино. Решивме да го прекинеме протестот, и веруваме дека со посветеност и напор од сите засегнати страни ќе се изнајде поволно решение – за ,,Фокус” раскажува Драган Лазов, организатор на денешниот протест на лозарите, кој се одржа поради слабиот откуп и ниските цени на грозјето.
-Писмено му доставивме на министерот пресметки околу тоа колкави се нашите трошоци, ги има сите потребни детали, кои тој вети дека детално ќе ги разгледа. Во среда повторно договоривме средба, драго ни е што наидовме на искрена желба за соработка и имавме конструктивни разговори на оваа тема која што се провлекува со години наназад. Да се надеваме на поволен исход, бидејќи време за чекање немаме, бербата веќе е во тек – вели Лазов.
И министерот Хоџа потврди дека протестот е прекинат, но разговорите со лозарите продолжуваат со цел да им се излезе во пресрет.
-Ќе ги разгледам пресметките за трошоци кои лозарите ми ги доставија, ќе имаме повторна средба со организаторот во среда. Субвенциите од два денари по килограм предадено грозје остануваат и оваа година, ќе направиме напор тие да се доделат за сите сорти на грозје. Винарии веќе започнаа да ги објавуваат откупните цени (11 денари смедеревка и 12 денари вранец) и заклучокот е дека тие се прифатливи. Протестот е прекинат и продолжуваме со отворен и квалитетен разговор да дојдеме до решение кое ќе биде во интерес на сите – изјави за ,,Фокус” министерот.
Вики Клинчарова