Русија денеска соопшти дека ќе обезбеди хуманитарни коридори втор ден по ред за луѓето кои бегаат од главниот град на Украина и четири други градови.
Илјадници луѓе вчера се обидоа да ги напуштат градовите низ земјата преку хуманитарни коридори со ограничен успех, бидејќи континуираното руско бомбардирање пресече некои од излезните правци.
Коридорите за бегство на цивилите и овозможување на помошта да стигне до опколените области беа главна тема на претходните разговори на пониско ниво меѓу руските и украинските делегации, но имаше само ограничен успех во нивното отворање.
Шефот на рускиот Национален контролен центар за одбрана, Михаил Мизинцев, изјави дека прекинот на огнот ќе започне во 10 часот по руско време со цел да се обезбеди безбеден премин за цивилите кои сакаат да го напуштат Киев, Чернихив, Суми, Харкив и Мариупол.
Повторно е нејасно дали предложените рути ќе минуваат низ Русија или Белорусија, услови на кои претходно се спротивстави украинската влада.
ОН вчера соопштија дека повеќе од 2 милиони луѓе ја напуштиле Украина од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, што ја предизвика најтешката бегалска криза во Европа од Втората светска војна.