Преговарачите за спорот околу името, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис веќе нема да ги водат преговорите, туку медијаторот Метју Нимиц сега ќе се среќава со делегации од министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција, предводени од министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас потврдиле за Телма, извори од македонското МНР.
Во оваа фаза поинтензивно ќе комуницираат и директорите за Балкан во Министерствата, Александра Миовска од македонска и Софија Грамата од грчка страна. И двете дипломатки веќе биле присутни на последната рунда преговори во Њујорк и се добро упатени во преговарачкиот процес, велат истите извори.
Посредникот Метју Нимиц, кој најверојатно, за десетина дена ќе ги посети Атина и Скопје, ќе се сретне со министрите за надворешни работи. Министрите Димитров и Коѕијас, по последната нивна средба во Солун, веќе најавија дека преговорите ќе се одвиваат со подиректна и поинтензивна комуникација меѓу нив.