Преговорите со Бугарија се закана и за македонизмот и за националната безбедност

by Фокус

Прашањата што Софија ги отвора во овие преговори се решени и затворени со Бледскиот договор од 1947, со кој Бугарија го признала сето она што денес го спори. Согласно ова, како предуслов за какви било преговори, да се побара Бугарија недвосмислено да го потврди овој договор

Реџеп ИСМАИЛ

Историјата на македонскиот народ и неговата борба за државност ни укажува дека секогаш кога Македонија инклинирала кон интеграција во заеднички меѓународни сојузи со Бугарија, тоа било на штета на неговите национални интереси и неговата држава.

Скорешната политичка историја на независна Република Македонија, пак, децидно нѐ има научено дека секое следно решение и договор, како резултат на билатерални спорови, завршило со директна штета врз националните и државни интереси.

Некои наивно, а некои и малициозно, прокламираат дека историјата не била важна, па сме требало да се насочиме само кон иднината. Но, прашањето на историјата не е нешто што се занимава само со минатото, особено не денес, кога постоечкиот меѓународен поредок се менува нагло и турбулентно.

НЕКРИТИЧНОСТ И СЕРВИЛНОСТ

Оттука, прашањето за историјата е многу повеќе прашање од национална безбедност, и во крајна линија, прашање од кое зависи самиот опстанок на македонскиот народ, а со тоа и неговата држава, која денес се тетерави на стаклени нозе.

Надворешната политика на Македонија во рацете на владата воопшто не е алатка за бранење на државните интереси, туку е претворена во инструмент за остварување тесно-партиски интереси. Она за што тие единствено се грижат е како сето тоа да го сервираат на македонскиот народ за овој истото да го голтне.

Длабинскиот проблем, всушност, се состои во речиси идолопоклоничкиот однос што постои кон самата ЕУ, кој, ем ја задушува рационалноста, ем создава една интелектуално затапена состојба на некритичност и сервилност.

Сево ова, будната јавност ја прави песимистична, зашто знае дека нашите корумпирани власти има со што да бидат уценети и ќе подлегнат на каква било уцена, која потоа само ќе ја претстават како цена за „влезницата“ во Унијата.

Крајно време е да се отрезниме. Слепата сервилност и демонстративното коленичење пред портите на евроатлантските сојузи станува веќе самоубиствено. Притоа, главното „оружје“ на сите што бараат од нас да се самоукинеме, е токму условувањето со можниот влез во Унијата. Дури и влезот во НАТО беше продаден како предуслов за влез во ЕУ.

Преговорите со Бугарија потребно е итно да се стопираат, и тоа да се направи сосема транспарентно, преку известување до меѓународните организации, како ЕУ и ООН, укажувајќи на неколку клучни работи со кои Бугарија претставува закана за националната безбедност на Македонија.

БЛЕДСКИОТ ДОГОВОР ОД 1947

Прво, прашањата што Софија ги отвора во овие преговори се решени и затворени со Бледскиот договор од 1947, со кој Бугарија го признала сето она што денес го спори. Согласно ова, како предуслов за какви било преговори, да се побара Бугарија недвосмислено да го потврди овој договор. А потоа и да ги примени пресудите на Советот на Европа за заштита и унапредување на културните права на Македонците во Бугарија.

Понатаму, јасно да се укаже на тоа како Бугарија, злоупотребувајќи ја контрадикторната политика на ЕУ за „слобода на движење на капиталот“, но не и на такво слободно движење на работната сила, свесно, намерно и организирано делеше бугарски државјанства на македонски граѓани злоупотребувајќи ја сиромаштијата, за сега, истите овие луѓе, да ги прикаже како сопствено (бугарско) малцинство во Македонија. Ова барање е само маскиран обид за задоволување на сопствените империјалистички намери за влијание и контрола врз македонската конјуктура.

И на крај, да се укаже на тоа дека Бугарија има отворени претензии кон Македонија, а за тоа говори и фактот што како национален празник го одбележува 3 март, ден кој го означува големиот сон за Голема (Санстефанска) Бугарија.

Засега, само прекин на преговорите со Бугарија може да нѐ поштеди од поголеми незгоди во иднина! Што се однесува до алтернативите за меѓународна интеграција на Македонија со кои би се превенирале можните штети од „оружјето“ во рацете на „евроатлантикот“, со кој досега македонскиот народ беше под закана, во некоја друга пригода.

Авторот е член на Президиумот на Левица

Поврзани новости