– Се уште не разговараме за имиња, затоа што е несериозно тоа да се прави без да се донесе прво закон кој ќе ја регулира оваа сфера – изјави за „Мета“ заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска. Оваа изјава претходно на денешната средба на која партиите ќе зборуваат за специјалниот јавен обвинител.
Според најавите и брифинзите на партиите, за оваа точка најтешко ќе се постигне договор. Ставовите на владејачката партија и на опозицијата се целосно спротивни. Иако се уште не се оперира со имиња, сепак тешко ќе биде да се постигне консензус околу новиот обвинител, иако рокот станува краток, а него ќе го чекаат опсежни истраги.
СДСМ бара специјалниот обвинител да има целосна автономија во своето работење, надвор од секакви партиски влијанија. Тие бараат за специјалниот обвинител да се донесе целосно нов закон, кој ќе биде поддржан од сите партии. Од СДСМ вчера најавија дека имаат изготвено комплетно законско решение за специјалниот јавен обвинител со целосна автономност и дека денес ќе се дебатира за истото.
– Законското решение мора да биде уставно, специјалниот јавен обвинител мора да биде со целосна автономност, мора да има околу него заменици обвинители коишто ќе работат, стручни служби, техничка подготовеност, соодветна финансиска надокнада, да не трпи притисок, обезбедување, она коешто му е важно, односно секој лаик што подразбира под целосна автономија, да биде таа овозможена. Апсолутно тој да одговара само пред граѓаните, преку Парламентот, преку Совет на обвинители или директно пред граѓаните за да нема хиерархиска и субординациска поставеност. Значи да не одговара директно пред Зврлевски или пред било кој од Обвинителството, да биде целосна автономијата за да може секако да постапи по предметите коишто се поврзани со прислушкувањето и што произлегуваат од самото прислушување – изјави вчера Заев.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека сегашниот Закон за јавни обвинители е добар и остава можност да се формираат одделенија за криминал во кои би можел да функционира и специјалниот обвинител, кој го бара СДСМ.
Претставници на СДСМ денеска ќе бидат Рената Дескоска или Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, тимот на ВМРО-ДПМНЕ ќе го водат Никола Попоски и Никола Тодоров. Од албанските партии претставници ќе бидат Артан Груби и Муса Џафери од ДУИ, како и Имер Алиу и Беким Фазлиу од ДПА.