Предвремени парламентарни избори- во интерес на државата, граѓаните и реформите

by fokus

Пишува: Драган Алчинов

В петок -25 јануари 2019- ќе се разреши дилемата дали напролет ќе се одржат предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори. За петок е закажана седница на Централниот одбор на СДСМ, а паралелно со тоа ќе привршува и расправата во грчкиот парламент по однос на ратификацијата на Договорот од Преспа. Позитивниот сигнал од Атина ќе има голем удел при носењето на одлуката за одржување на предвремени парламентарни избори.

Последните неколку недели ДПМНЕ го промени ставот и најпрвин срамежливо и несигурно, а потоа заканувајќи се и со уцени започна да бара одржување на предвремени парламентарни избори паралелно со претседателските избори. Тие дури и го условија своето учество на претседателските избори со одржување предвремени парламентарни избори. И ете- понекогаш и ДПМНЕ знае да побара нешто што е во интерес на државата. Тешко може да се утврди дали блефираат или се слаби прогнозери кои се дотолку самоуверени, но неспорно е дека без разлика на нивните мотиви- предвремени парламентарни избори се во интерес на државата, граѓаните и реформите. И за ова има повеќе причини.

Како прво, постои сериозна можност ДПМНЕ да стои на зборот и да ги бојкотира претседателските избори онака како што го бојкотираше Референдумот од 30 септември 2018. Речиси невозможно е да се постигне потребната бројка од 40% излезност на претседателските избори согласно чл. 81 ст. 5 од Уставот (,,За претседател е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови доколку гласале повеќе од 40% од избирачите.’’) доколку Мицкоски реши да ги бојкотира изборите. Во таков случај би се повторувала постапката на претседателски избори на секои 14 дена се’ додека не се постигне цензусот од 40%. Со тоа државата ќе влезе во длабока политичка криза која нема да има разрешница без нови измени на Уставот, промена на политичкиот систем на државата и воведување избор на Претседател на Републиката во Собранието. Имајќи предвид дека наредните месеци ќе следува ратификација на пристапниот протокол во земјите-членки на НАТО и дека очекуваме отварање на преговорите со Европската Унија, уште една политичка криза е последната работа која ни треба! Нова политичка криза ќе биде погубна за нашата кревка демократија и за нашите највисоки стратешки определби- евроатлантските интеграции, а ќе отвори простор за нови маневри и уцени кои ќе доаѓаат како од ДПМНЕ така и од албанските партии. Одржувањето на предвремени парламентарни избори, пак, ќе ја отстрани ваквата можност и ќе го натера Мицкоски да излезе на двојните избори- во спротивно би ризикувал да не добие ниту еден пратеник, комплетно да ја изолира својата партија и да ја загуби својата позиција (која и онака веќе е лабилна).

Како второ, предвремените парламентарни избори ќе значат обновување и проширување на легитимитетот на СДСМ и на реформските сили во земјата. Ова е неопходно после тешките процеси низ кои минуваме овие 2 години. Решавањето на спорот за името бараше вложување на солиден дел од капацитетите, а попатно мораа да се направат и непопуларни но неопходни компромиси. Победата за СДСМ на предвремени парламентарни избори ќе стави печат на легитимитет на досегашните решенија и ќе даде ветар во грб за преземање на нови, похрабри чекори во насока на исполнување на реформските приоритети.

Зголемувањето на бројот на освоени пратенички мандати ќе значи побрзи и поефективни реформи. Наредните години ние ќе бидеме во една фаза на тешки и длабоки реформи кога Собранието ќе мора да има капацитет да донесе низа непопуларни одлуки. Кревкото мнозинство кое сега го има Заев значи постојана зависност и непринципиелни компромиси наметнати од помалите коалициони партнери и од етничките партии кои го кочат, а неретко и го уназадуваат процесот на реформите.

Како трето, доколку не се одржат предвремени парламентарни избори паралелно со претседателските- тоа ќе значи дека истите ќе се одржат во наредната 2020 година и со тоа ќе имаме низа од 6 последователни изборни години (Парламентарни избори 2016, Локални избори 2017, Референдум 2018, Претседателски избори 2019, Парламентарни избори 2020, Локални избори 2021). Вообичаено честите избори се пречка за длабоки реформи; искушението за популистички мерки и политиканство е премногу силно за да се одолее, особено кога изборите се толку чести. Од друга страна, одржување на предвремени парламентарни избори пролетта 2019, ќе значи дека наредни избори ќе имаме дури есента 2021 кога ќе се одржат наредните локални избори. Тоа ќе даде период од 2 и пол години без избори, што ќе значи доволно време за суштински реформи и храбри потези.

Ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот парламент, како и понатамошната ратификација на нашето членство во НАТО во другите земји-членки, развиореното македонско знаме на јарболот на НАТО ќе биде надворешна конфирмација на успешната домашна политика и ќе го гарантира новиот мандат на Заев.

Но, на долги стази предвремени парламентарни избори не само што се во интерес на државата и на СДСМ- тие се во интерес и на ДПМНЕ. Уште еден пораз на ДПМНЕ ќе значи дека дошло конечното време оваа партија да се прочисти, да се престрои на патот на НАТО и ЕУ и да расчисти со старото, криминално, корумпирано и делегитимизирано раководство.

Најдоцна до петок навечер ќе биде донесена одлуката за ратификација на Договорот од Преспа во грчкиот парламент. Ако тоа се случи- а ова веќе е извесно- реално е да се очекува дека напролет ќе се одржат предвремени парламентарни избори паралелно со претседателските- во интерес на државата, граѓаните и реформите.

Поврзани новости