Предвремени локални избори: Касами го порази Ахмети, Села заврши зад Тачи, триумфализам и на Мицкоски и на Ковачевски!

Резултатите од изборите за нов Совет во Тетово и донесоа на БЕСА недвосмислена победа врз ДУИ, додека најголем губитник беше АА, која заврши и зад ДПА и зад Алтернатива. Додека ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше триумфлизам во Тетово, СДСМ прогласи прва изборна победа на новото раководство по изборот на нови градоначалници во Маврово-Ростуше и Центар-Жупа.

by Фокус

Предвремените избори за советници во Тетово ја расчистија компликуваната ситуација во тетовскиот Совет, но воедно ја бетонираа БЕСА на тетовскиот градоначалник Биљал Касами како моментално најсилна политичка партија во овој град, кој албанските политички партии обично го сметаат за најголем трофеј на секои избори.

Освен победата на БЕСА над фаворизираната ДУИ на Али Ахмети, овие изборни резултати претставуваат дебакл за Алијанса за Албанците. Иако важи за најсилна албанска опозициска партија, сепак, нивната советничка листа во Тетово освои помалку гласови и од веќе маргиналната ДПА на Мендух Тачи.

Воедно, изборите во Тетово го потврдија соодносот во гласови и советници меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со двојна предност на опозициската партија. Математички, тоа овозможува повторно да се формира мнозинство меѓу ВМРО и БЕСА од плус еден советник, иако односите меѓу двете партии се заладија поради нивните различни позиции околу „францускиот предлог“.

Ако партијата на Христијан Мицкоски демонстрираше триумфализам за резултатот во Тетово, СДСМ тоа го направи по победата на нивните кандидати за градоначалници во Маврово-Ростуше и во Центар-Жупа, иако во вториот случај настапи само еден кандидат.

ИЗБОРНИ РЕЗУЛТАТИ ЗА СОВЕТНИЦИ

Според резултатите од Државната изборна комисија, БЕСА освои 9.620 гласови и 12 советници, или 4 советници повеќе во споредба со редовните избори во 2021 година. Притоа, оваа партија освои над 1.200 гласови повеќе од претходните избори, додека на овие избори освои 846 гласови повеќе од ДУИ, чии 8.774 гласови и донесоа 11 советници, или еден повеќе од претходните избори, кога поединечно освои најмногу советници.

Всушност, ваквиот распоред на гласови паѓа на товар на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која на овие избори освои само 777 гласови и ниту еден советник, иако на претходните избори имаше тројца советници. Всушност, АА освои помалку гласови од ДПА, но и од Алтернатива на Африм Гаши, кои во идниот совет ќе имаат по еден советник.

 

Покрај Алијанса, големи губитници се еколошките активисти, чија иницијатива „За подобро Тетово“ предводена од Хамди Сулејмани ги загуби двајцата советници од претходните избори. Ниту еден советник не успеа да освои ниту Левица, Интегра, Пцер, како и двете независни листи.

Двете водечки македонски партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, пак, го намалија бројот на гласови во однос на лани за по околу 700, но го задржаа истиот број на советници, односно ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе има 4 советници.  Што се однесува до СДСМ, тие ги задржаа двајцата советници…

УСПЕШЕН ИЗБОРИ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ 

Инаку, овие избори во Тетово се карактеризираа и со ниска излезност од околу 35 проценти, што е драстично помалку во споредба со претходните избори, кога таа беше десетина отсто повисока или за околу 1.500 избирачи. Наспроти тоа, поголема мобилизација имаше при изборот за градоначаници во западните рурални општини Маврово-Ростуше и Центар-Жупа.

Како што е познато, на претходните избори не можеше да се избере градоначалник, зашто на изборите не излегоа над една третина од запишаните избирачи. Овојпат, во Маврово Ростуше на гласање излегоа над 50 отсто од гласачите, при што убедливо победи кандидатот на СДСМ Медат Куртовски, кој на претходните неуспешни избори беше скоро изедначен со противкандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Мевдет Џафери.

Поточно, на претходните избори, Куртовски освои 1.563 гласови или 5 повеќе од Џафери. Сега, пак, Куртовски освои 3.266, додека Џафери 1.935, што покажува дека СДСМ, заедно со ДУИ и коалициските партнери подобри си ја завршиле работата меѓу доселениците во тој крај, кои патем го обезбедија и прагот за успешен избор за градоначалник.

Слично беше во Центар Жупа, каде овој пат имаше само еден кандидат. Станува збор за Аријан Ибраим од владејачката турска партија ДПТМ, кој на претходните избори освои 1.342 гласови, наспроти кандидатот на ДНЕТ Шаин Шаќир, кој освои 482 гласови. Меѓутоа, на овие избори настапи само Ибраим, кој освои 3.340 гласови, или повеќе од двојно од претходниот пат, врз основа на што Димитар Ковачевски прогласи двојна победа на неговиот прв изборен настап.

В.С.

Поврзани новости