Во Северна Македонија ќе има предвремени парламентарни избори доколу во јуни нема почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), соопштил извор близок до Демократската унија за интеграција (ДУИ) за порталот „КД Политик“.
-Блокадата на парламентот од страна на опозицијата и можниот недостаток на европска перспектива со неопределување датум за преговори не оставаат друг избор освен одржување на нови парламентарни избори, вели изворот на „КД Политик“.
Според пишувањето на порталот, на предвремените избори ДУИ нема да оди во предизборна коалиција со македонските партии – ниту со СДСМ ниту со ВМРО-ДПМНЕ.
Официјално, од партијата велат дека немаат конкретен став за можноста за предвремени избори, но не ги демантираат информациите на „КД Политик“.
Доколку ДУИ одлучи да се оди на предвремени избори, тогаш нивното одржување е неизбежно со оглед на одлучувачката улога што ја имаат интегративците во владејачкото мнозинство – од 64 пратеници кои се дел од власта, ДУИ има 15, се анализира во текстот.
На предвремени парламентарни избори инсистира и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, особено по победата на локалните избори лани во октомври.