Изборите во Бугарија треба да овозможат надминување на политичката криза, во којашто се наоѓа државата од причина што бугарската техничка влада, составена на предлог на актуелниот претседател Румен Радев, во текот на целата година се соочува со големи енергетски, здравствени и финансиски проблеми, вели за Фокус Марјан Ѓорчев, кој освен што беше пратеник, министер и градоначалник, во неговата политичка кариера беше и македонски амбасадор во Бугарија.
-Фрагментацијата на бугарската општествена и политичка структура ја намали граѓанската доверба кај традиционалните политички партии-коалицијата ГЕРБ-СДС, БСП и ДПС и овозможува новите политички партии на бугарската политичка сцена – Продолжува промената (ПП) на Петков и Василев, поранешни министри во техничката влада на Радев, Има таков народ ИТН на шоуменот Слави Трифонов и Демократска Бугарија (ДБ) на Христо Иванов, да бидат претставени во новото бугарско собрание со сигнификантен број на пратенци, од коишто ќе зависи формирањето на политичкото мнозинство и подлога за новата бугарска влада – вели Ѓорчев.
ЈА НЕМА МЕРКЕЛ, ПА БОРИСОВ ФЛЕРТУВА СО ПУТИН
Тој посочува дека, согласно релевантните анкети објавувани во Бугарија, на парламентарните избори коалицијата ГЕРБ-СДС води со околу 24 отсто, ПП и БСП имаат поддршка од околу 16 отсто, додека ДБ, ИТН и ДПС се со безмалку идентичен рејтинг од 9-10 отсто. Оттука, според него, очигледно е дека коалицијата на народните партии ГЕРБ-СДС ќе има повторно најголем број пратеници (околу 70). Но, дали тоа ќе биде доволно да формира мнозинство во парламентот со 240 места?
-Ниту една партија од останатите четири коишто со сигурност ќе бидат дел од новиот собраниски состав (шанса да го мине изборниот праг има и “Исправи се Бугаријо-мафија надвор” на Маја Манолова), нема да ја преземе одговорноста да го понесе товарот со ГЕРБ-СДС за нивниот 10-годишен криминал, корупција, клиентилизам и задушување на демократијата, така што ГЕРБ-СДС со сигурност ќе биде опозиција во собранието, особено поради ставот на меѓународната заедница и негативното мислење за Борисов и неговиот флерт со Русија (атомската централа “Белене” и гасопроводот Турски поток), а веќе ја нема Ангела Меркел на политичката сцена како негов ментор – објаснува Ѓорчев.
ЌЕ ПРОРАБОТИ ЛИ РЕЛАЦИЈАТА РАДЕВ-ЕРДОГАН?
Втората опција, според него, е коалиција помеѓу ПП, БСП, ДБ и евентуално ДПС, што ќе значи коалицирање на социјалистите (ПП и БСП), либералите (ДПС) и партија од центарот (ДБ), а тоа, како што вели, фактички означува влада под контрола и влијание на претседателот Радев, како водечка фигура на бугарската левица во политиката. Воедно, Ѓорчев истакнува дека од пресудно значење за оваа можна коалиција е влегувањето на етничката партија на Турците-ДПС, што ќе зависи од воспоставената релација на доверба и респект помеѓу Радев и Реџеп Таип Ердоган.
-Доколку во Собранието влезе и партијата на Манолова, таа ќе биде дел од новото собраниско мнозинство. Партијата на шоуменот Трифонов, после двата неуспешни обиди за мнозинска влада, покажа дека има низок политички и коалиционен капацитет и ќе биде опозициски и популистички декор во Собранието – анализира поранешниот амбасадор.
ГЕНЕРАЛОТ РАДЕВ ФАВОРИТ ПРЕД РЕКТОРОТ ГЕРЏИКОВ
Во контекст на трката за претседател на државата, тој смета дека единствено нешто што претставува дилема е дали Радев ќе победи во првиот круг,или пак ќе треба и втор круг на гласање. Во секој случај, нагласува Ѓорчев, неговиот рејтинг од околу 46 отсто е безмалку двојно поголем од рејтингот на професорот Атанас Герџиков, ректор на Софискиот Универзитет “Св.Климент”, кој има поддршка од околу 28 отсто.
– Радев како Генерал на бугарската армија со беспрекорно досие се докажа во првиот претседателски мандат како исклучителено чесен, предвидлив, воздржан во своите изјави, политичар омилен кај бугарскиот народ, така што нема дилема дека народот повторно ќе го избере за претседател – коментира Марјан Ѓорчев.
ПАРАВАН ЗА ВИСТИНСКИТЕ БУГАРСКИ ЦЕЛИ КОН МАКЕДОНИЈА
Како ваквите состојби на бугарската политичка сцена ќе се одразат врз односите со Македонија? Како што вели Ѓорчев за Фокус, се ќе остане по старо, што всушност, според него, значи притисок од бугарските институции кон Македонија за признавање на бугарското културно-историско наследство на македонското население, менување на историјата за одделни настани, случувања и личности итн.
-Исто така, ќе останат обидите да се наметне ставот дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик и како таков може да биде употребуван во двостраната комуникација Македонија-ЕУ, исклучиво како „службен јазик во Уставот на Република Македонија“. Сите други бугарски барања за наводни отстапки од македонска страна со коишто ќе се покаже добра воља за надминување на бугарската блокада на нашиот европски пат – употреба на скратеното име, декларација дека Македонија нема територијални и малцински претензии и сл., се само параван зад кој се крие суштинската негација на дијалектичкиот културно-историски развој на македонската нација и јазик – анализира Ѓорчев.
ОДНОС БАЗИРАН НА ПРИНЦИПОТ НА РЕЦИПРОЦИТЕТ
Во однос на прашањето како да продолжиме по нашиот европски пат со цел полноправно членство во Унијата, Ѓорчев посочува дека прво што треба да се направи е акцентирање дека билатералните преговори помеѓу нашите две суверени европски држави-едната членка на Унијата и другата кандидат-членка, мора да бидат на рамноправни односи и на база на реципроцитетни барања. Секое отстапување од овие два клучни принципи, според него, ќе не доведе до губитничка позиција.
-На пример, на бугарското барање да се избрише од македонските историски учебници „фашистички бугарски окупатори за време на Втората светска војна“, треба да се се бара од македонска страна од бугарските учебници да се избрише дека „Македонија е бугарска земја“ и дека Првата и Втората Балканска војна не се ослободителни, туку окупаторски војни за делба на македонската територија . Исто така, во делот на малцинските прашања, на барањето на Бугарите за грижа за македонските граѓани со бугарско етничко потекло, треба да бараме реципроцитет за човековите права и граѓански слободи на бугарските граѓани со македонско етничко потекло – порачува Ѓорчев.
ЕУ ДА ПРЕЗЕМЕ САНКЦИИ
Само со таков, како што вели, принципиелен, научно историски, хуманистички и кулуролошки потврдени ставови во корелација со европската наука, тој смета дека ќе можеме да ја надминеме бугарската блокада, барајќи од ЕУ да постапува кон сите земји-аспиранти за полноправно европско членство со исти стандарди од европското право. Тој порачува дека Македонија треба да бара Унијата да постапи енергично и да преземе санкции кон Бугарија поради злоупотреба на европското АКИ-европското право, како по прашањето на блокадата, така и по прашањето на 16-те пресуди за регистрација на македонските граѓански организации во бугарската држава.
-Европското право не дозволува негација на нација, јазик и култура на сите државни и национални ентитети на европско тло, особено ако тоа е содржано во европските атласи, енциклопедии и документи коишто неспорно ја потврдуваат како револуционерната, така и еволутивната димензија на македонското постоење, како држава, нација и јазик. Наративот, поимот, топонимот Македонија, како и етнонимот Македонец, единствено припаѓаат на Македонската држава, затоа што 100 отсто од географскиот регион Македонија на којшто е формирана македонската држава сосема природно го определува името, а исто така ја определува националната и јазична димензија на македонското постоење – потенцира Ѓорчев.
Оценка на Бучковски: Изборите во Бугарија се битни за нашите амбиции
Влатко Стојановски