Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ велат дека најдлабоко жалат за страотната трагедија што се случи во Скопје, кога од домашна пита се затру цело семејство, при што почина една жена, нејзиниот сопруг е во тешка состојба, а неговата мајка е во кома.
Причина за нивното труење е пестицидот „ланате“.
-Години наназат сведоци сме на злоупотреба на смртоносни отрови, нивно расфрлање по високо фреквентни јавни површини (паркови, училишни дворови, детски игралишта; околу влезови и ресторани повеќето со безбедносни камери што би послужиле како доказен материјал за пронаоѓање на сторителот) масовни труења животни со супстанци кои за десетина минути, по само вдишивање и на најлош можен начин убиваат животни кои тежат и повеќе од 40 килограми, велат од здружението.
Оттаму порачуваат дека барале истраги на терен и меѓуинституционална соработка пред се од МВР, АХВ, општините, проверки по земјоделските аптеки и пазарите, секогаш подржани и од новинарите кои темата ја третирале пред јавноста зошто нѐ засега сите.
-Предупредувавме дека е прашање на време кога ќе настрада човек. Но од страна на институциите со прст не е помрднато, ниту една единсвена мерка никогаш не била преземена, тук тамо некакво декларативно ветување пред јавноста во функција на пр, а најчесто само игнорирање и молк, истакнаа од „Анима мунди“.
Според информациите од МВР, снаата почина, бабата е во кома, а синот на Клиниката за токсикологија во стабилна состојба.