Светската здравствена организација (СЗО) синоќа упати застрашувачко предупредување кон младите луѓе низ светот, укажувајќи им дека коронавирусот може да го влоши здравјето и да убива и млади луѓе и дека тие треба да избегнуваат да се собираат и потоа да го пренесуваат на повозрасните и поранливите категории луѓе, јавија агенциите.
Бројот на заразени со коронавирусот низ светот утринава е веќе над 275 000, а на смртните случаи околи 11.500.
-Иако повозрасните луѓе се најзасегнати, вирусот не ги одминува ни помладите. Податоците од многу земји покажуваат голем процент на пациенти кои имаат потреба од хоспитализација а се под 50-годишна возраст. Денеска имаме порака кон младите луѓе: Вие не сте неранливи пред вирусот – тој може да ве однесе во болница со недели и дури и да ве убие. Дури и да не се разболете, изборот каде да отидете може да се покаже прашање на живот и смрт за некој друг, изјави првиот човек на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
На одгласите за светски недостиг на заштитна облека за здравствените работници и тестови за коронавирус кинеските производители се договорија да испорачаат таква опрема за СЗО. Постигнат е договор материјалите да се испорачаат во складот на СЗО во Дубаи и оттаму ќе бидат насочувани таму каде има најголема потреба од нив.
-Ќе има потреба од „воздушни мостови” за изведување на испораките до земјите во кои здравствените работници имаат потреба од нив, откако многу редовни летови беа откажани, изјави Мајк Рајан, експерт на СЗО за вонредни ситуации.