„Ве информираме дека изминатиот период забележана е тенденција на физичко самоповредување кај повеќе ученици“ – ова е предупредувањето кое го добиле родителите во повеќе скопски основни училишта од наставниот кадар.
Во него се вели дека е забележано сечење со жилети, ножеви од острилки, ножици, остри предмети и тоа најчесто се случувало на рацете и нозете, пренесува тв Сител.
Наставниот кадар ги предупредува родителите да им обрнат повеќе внимание и контрола на децата.
– Доколку забележите било каква промена што може да укажува на оваа појава ве молиме пријавете во училиште и бараме од вас како родители преку класните раководите да ни дозволите ненајавени проверки на учениците за навремено откривање и сузбивање на оваа појава бидејки состојбата е алармантна – се вели во предупредувањето.
Самоповредувањето не е изолирана појава само кај нас. Светските медиуми многу често известуваат за појава на трендови поради предизвици на социјалните платформи.
Поради ТикТок предизвик 17 ученици од Косово се самоповредиле во изминатиот период и го подигна алармот кај родителите за да ги натераат институциите да преземат поголема контрола врз социјалните мрежи кои ги користат децата.
Психотерапевтите во државата велат дека родителите можат да забележат промена кај своето дете кое е подлежно на самоповредување, но мора да реагираат веднаш и да побараат помош од стручните лица.
Во изминатите години на социјалните мрежи се појавуваат голем број предизвици. Дел од нив се забавни за младите, но има и такви кои го подигнаа алармот на светско ниво, како на пример предизвикот Син кит, после кој многу деца глобално си ги одзедоа животите.