Синдикатот на железници и транспорт во Германија (ЕВГ), како и синдикатот на аеродромци започнаа предупредувачки штрајк поради незадоволството од сегашните плати на работниците во овие сектори.
Според германските медиуми, ЕВГ штрајкот го започнал во три часот по полноќ, а возовите сообраќале до 11 часот. Сега постепено се обидуваат да се вратат во нормала, но тоа не е можно одеднаш.
„Во штрајкот беа вклучени 23.500 вработени во Дојче Бан и други железнички компании низ целата земја. Дојче бан утрото веднаш објави дека железничкиот сообраќај е прекинат. Поради ова, имаше големи гужви на станиците“, пишува Тагешау.
Иако штрајкот и формално заврши, железничарите потенцираа дека постепено нормализирање на сообраќајот може да се очекува дури во попладневните часови.
Ефектите од штрајкот низ државата ќе влијаат на редоследот на возење до раните вечерни часови“, објаснуваат од синдикатот.
По штрајкот, претставниците на ЕВГ најавија дека очекуваат Владата следната недела во вторник и среда да организира преговори со работодавачите, каде повторно ќе разговараат за зголемување на платите.
„Ако тоа не се случи, тогаш можеме да очекуваме нов бран на предупредувачки штрајкови. Зголемувањето од пет проценти во период од 27 месеци не е понуда“, рече претседателот на синдикатот Мартин Буркерт.
Инаку, ЕВГ договара плати за 230.000 вработени во Германија, од кои 180.000 работат за Дојче Бан.
Покрај штрајковите на железницата, во Германија се водат и предупредувачки штрајкови на пет аеродроми.
Во денеска наутро беа започнати штрајкови на аеродромите во Штутгарт, Диселдорф, Бон и Хамбург.