Додека се води стечајна постапка за друштвото „Соравиа Инвест“, во чија сопственост е атрактивниот деловен објект во строгиот центар на Скопје „Соравиа“, паралелно тече предистражната постапка во рамки на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а воедно постапуваат и други институции.
„Во однос на предистражната постапка поврзана со деловниот центар „Соравиа“, ве информираме дека предметот е во предистражна постапка. Во него, освен ОЈО ГОКК, тековно постапуваат и други релевантни институции, а воедно се чека и постапувањето по меѓународна правна помош на американските институции“, ни одговорија од Обвинителството.
Како што пишуваше неделникот „Фокус“, врз основа на податоците што ги обезбедивме произлегува дека во рамки на стечајот за „Соравиа Инвест“ досега се смениле неколку стечајни управници, додека првиот од нив бил променет на барање на Управата за јавни приходи.
Имено, УЈП е еден од членовите на привремениот Одбор на доверители, каде уште членува и кичевската фирма за обезбедување „2 СС“, која стана актуелна поради сомневањата за злоупотреба на тендер и оштетување на буџетот на ЈП за државни патишта за скоро 47 милиони денари, бидејќи не биле целосно обезбедувани наплатните станици за патарина.
Затоа, до Јавното обвинителство упативме прашање и во која фаза е предметот за кичевската агенција за обезбедување „2 СС“, чиј поранешен сопственик и управител Џемал Билбиловски беше осомничен поради договор со ЈП за државни патишта за обезбедување на патарини?
„Предметниот обвинител од ОЈО
Инаку, деловниот центар „Соравиа“ влезе во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“, во кој вклучена беше компанијата „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Иако помладиот Ахмети неодамна најавуваше дека во рок од неколку месеци ќе се реализира продажбата и преземањето на објектот од досегашниот австриски сопственик, сепак, овој процес никогаш целосно не се заокружи.
Првично, беше покрената постапка за продажба на деловниот центар по пат на извршител на барање на доверителот „Прва Инвестициона Банка“, меѓутоа оваа постапката беше пресретната со отворањето на стечајната постапка за „Соравиа Инвест“ по барање на „Тхор Индустриес“, која е во тек.
Влатко СТОЈАНОВСКИ