Смени на управници, доверител под истрага: Како тече стечајот за „Соравиа“ и каква ќе биде судбината на атрактивниот објект?

„Фокус“ изврши проверки како се одвива оваа стечајна постапка, па од податоците што ги обезбедивме произлегува дека досега се смениле неколку стечајни управници, додека првиот од нив бил променет на барање на УЈП – еден од членовите на привремениот Одбор на доверители, каде уште членува и кичевската фирма за обезбедување „2 СС“, против која беше отворен предмет за милионски тендер од ЈП за државни патишта за обезбедување на патарините.

by vlatko 13:06
13:06

Текстот е објавен на 25 декември 2025 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.577.

На почетокот на 2025 година беше покренат обид за продажба на деловниот центар „Соравиа“ преку извршна постапка на барање на бугарската „Прва Инвестициона Банка“, но овој обид беше пресретнат и спречен со отворање стечајна постапка врз „Соравиа Инвест“, а еден од предлагачите беше „Тхор Индустриес“, поврзана со семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. „Фокус“ изврши проверки како се одвива оваа стечајна постапка, па од податоците што ги обезбедивме произлегува дека досега се смениле неколку стечајни управници, додека првиот од нив бил променет на барање на УЈП – еден од членовите на привремениот Одбор на доверители, каде уште членува и кичевската фирма за обезбедување „2 СС“, против која беше отворен предмет за милионски тендер од ЈП за државни патишта за обезбедување на патарините. Дали „Соравиа Инвест“ оди кон реорганизација или кон ликвидација и каква ќе биде судбината на деловниот објект „Соравиа“, кој вреди двојно повеќе од обврските кон доверителите и притоа секој месец генерира приливи од закупнини?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во април 2025 година, „Фокус“ објави дека деловниот центар „Соравиа“ лоциран во строгиот центар на Скопје, кој влезе во фокусот на јавноста поради контроверзниот процес на промена на сопственичката структура на компанијата што го поседува атрактивниот објект – „Соравиа Инвест“, е ставен на продажба од страна на извршител, по барање на доверител за спроведување на извршување од над 930 илјади евра.

Како што обелоденивме тогаш, извршителот Андреја Буневски кон крајот на март донел заклучок за усна јавна продажба на недвижниот имот во рамки на деловниот комплекс „Соравиа“, врз основа на барање за спроведување на извршување во вредност од 930.425 евра од страна доверителот „Прва Инвестициона Банка“ со седиште во Софија, засновано на извршна исправа Солемизација на договор за залог од 02.09.2022 година против должникот „Соравиа Инвест“.

Притоа, почетната вредност на недвижноста изнесуваше 1.377.978.526 денари или околу 22,4 милиони евра, под која недвижноста не можеше да се продаде на првото јавно наддавање. Дополнително, беше наведено дека на јавното наддавање закажано за април можеа да учествуваат само лица што претходно положиле гаранција во висина од една десетина од утврдената вредност на недвижноста, односно во износ од 137.797.853 денари или околу 2,2 милиони евра.

„Должникот, кој, како сопственик, домува во продадената семејна станбена зграда или стан не го задржува правото да домува тука и е должен зградата, односно станот да ги испразни во рок од 30 дена од денот на доставувањето на заклучокот за предавање во владение на недвижност, а ако тоа не го стори, извршителот на предлог на купувачот присилно ќе го изврши испразнувањето на зградата, односно станот“, стоеше, меѓу другото, во заклучокот.

Патем, во него беше опишан недвижниот имот што оди на продажба преку 23 точки, со кои всушност е опфатен имот кој се наоѓа на 2 катастарски парцели. Станува збор за земјиштето под објектот „Соравиа“ од 1.333 квадратни метри и внатрешна површина означена како деловна зграда во стопанство со вкупна квадратура од 13.661 квадрати. Покрај тоа, тука влегуваат и т.н. деловни простории од вкупно 3.241 квадрати, помошни простории од типот на тераса и балон од вкупно 480 квадрати, како и гаражи од вкупно 5.408 квадрати.

Откако „Соравиа“ беше огласена и ставена на продажба, реагираа од „Соравиа Инвест“, истакнувајќи дека активно ги бараат сите правни процедури и акции за да се запре најавеното извршување и лицитација на имотот. Истовремено, како што посочија, утврдуваат дека овој процес на заплена е инициран незаконски и еднострано од повеќе доверители во наводен дослух со поранешното раководство на зградата. Воедно, од таму известија за ребрендирање на „Соравиа“ во „Кула Валхала“.

Како дел од нашата енергична одбрана на нашите сопственички права, официјално е поднесена кривична тужба до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција. Оваа правна постапка бара целосна истрага за околностите околу обидот за извршување. Прикажавме докази и наводи дека процесот на аукцијата е резултат на недозволени и дослухни активности и ги повикуваме властите темелно да ја испитаат оваа работа“, соопштија тогаш од компанијата.

СТЕЧАЈОТ СПРЕЧИ ИЗВРШУВАЊЕ

Извесен период откако помина закажаниот термин за продажба на овој имот, немаше никаква информација околу најавеното јавно наддавање за продажба на имотот, кој важи за исклучително вреден, иако е обременет со низа товари. Колку за информација, во 2021 и во 2022 година е заснован договор за залог во корист на „Прва Инвестициона Банка“, а и годинава пристигнале неколку налози за извршување кај повеќе извршители.

Затоа, се обративме до извршителот Буневски, кому му упативме неколку прашања: Дали се одржа најавената аукција за продажба на „Соравиа“; Ако се одржала – колку и кои компании учествувале на наддавањето; Дали се избрал најповолен понудувач; Каква била неговата понуда итн.? Меѓутоа, од него никогаш не добивме никаков одговор…

Но, дознавме дека Основниот суд Скопје 2 во мај донел решение за поведување претстечајна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка над „Соравиа Инвест“. Па, тогаш се обративме до граѓанскиот суд, од каде не информираа дека била донесена одлука да се отвори стечајна постапка, при што еден од предлагачите е добро познатата „Тхор Индиструиес“, поврзана со семејството на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Со решение I.СТ-81/25 I.СТ-82/25 на Основниот граѓански суд Скопје од 02.06.2025 година, е отворена стечајна постапка над должникот Друштво за градежништво и услуги СОРАВИА ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје. Предлагачи-доверители за отворање на стечајна постапка се правното лице ДПТУ ТХОР ИНДУСТРИЕС ДООЕЛ Скопје и должникот Друштво за градежништво и услуги СОРАВИА ИНВЕСТ ДООЕЛ Скопје преку овластено лице Егзона Ризмани, не информираа од Судот.

Инаку, за привремен стечаен управник беше определен Агрон Арифи, кој во разговор за „Фокус“ неодамна ја потврди информацијата дека е отворена стечајна постапка за „Соравиа Инвест“ на предлог на самата компанија и на сопственикот кој оперираше со неа – „Тхор Индустриес“. На тој начин, практично се спречи обидот за продажба на деловниот центар од страна на извршител и се отвори друг процес, во кој секој доверител ќе може да пријави побарувања.

За тоа ќе се одлучува на рочиште во септември – ни изјави тогаш Арифи, кој бил задолжен да го заштити имотот на должникот, да дава согласност на органите за управување на должникот за водење на работењето се до донесување на одлука за отворање на стечајна постапка со цел да се избегне значително намалување на имотот, да испита дали должникот има имот за намирување на трошоците на стечајната постапка и побарувањата на доверителите, како и да изготви извештај за економско-финансиската состојба на должникот.

Имајќи предвид дека септември веќе одамна помина, одлучивме да провериме како понатаму се одвива стечајната постапка за „Соравиа Инвест“, при што обезбедивме податоци што откриваат дека во изминатиот период биле донесени многу одлуки, се промениле неколку стечајни управници, а промени претрпел и привремениот одбор на доверители, каде што има и компанија под истрага. Што говорат новите информации до кои дојдовме?

РЕОРГАНИЗАЦИЈА ИЛИ ЛИКВИДАЦИЈА?

Проверките што ги извршивме во Централниот регистар покажуваат дека набргу по отворањето на стечајот бил променет првиот стечаен управник Арифи. Поточно, тој е разрешен во текот на октомври, а на негово место дошол Маринко Саздовски. Сепак, за кратко време, т.е. во ноември си заминал и Саздовски, па за нов стечаен управник е назначен актуелниот Томе Петров.

Зошто се смениле неколку стечајни управници? Во која фаза моментално е стечајот и кој е следниот чекор? Колку доверители пријавиле побарувања и за колкав износ станува збор? Овие прашања ги упативме до надлежниот скопски граѓански суд, од каде што, меѓу другото, ни одговорија дека Саздовски е разрешен на негово барање поради здравствени причини.

Што се однесува до Арифи, пак, од Судот посочуваат дека тој е разрешен по барање на еден од доверителите, т.е. по барање на Управата за јавни приходи – еден од членовите на привремениот Одбор на доверители, каде што уште има и 2 компании – „2 СС“ и „Манекс“, со тоа што треба да се има предвид дека „Манекс“ влегла во одборот во април на местото на „А-3 Консалтинг“.

„Донесено е решение за претходна постапка, решение за отворање стечајна постапка, решение за разрешување стечаен управник и други решенија согласно Законот за стечај. Формиран е привремен одбор на доверители во состав од: РСМ-МФ-УЈП, 2 СС“ и „МАНЕКС“, на предлог на стечајниот управник. Одборот на доверители ќе биде избран на првото извештајно Собрание на доверители. Решението за утврдени и оспорени побарувања ќе биде донесено по одржување на испитното рочиште“, велат од Судот.

Оттука се поставува прашањето зошто државата, односно Управата за јавни приходи, преку Државното правобранителство, побарала и истуркала разрешување на првиот стечаен управник Арифи? Одговор на ова прашање побаравме од УЈП, но до затворањето на весникот не добивме. Го прашавме и Арифи, кој се обиде да даде кусо појаснување на целата ситуација, согласно неговото гледиште на работите.

Според него, на УЈП ѝ биле признаени сите побарувања, кои изнесувале нецели 2 отсто од вкупниот обем. Во почетниот период, вели дека имале коректен однос, но подоцна дошло до промена на претставниците на Управата, од каде што изнесувале забелешки во однос на документацијата што ја изготвувал поврзана со стечајната постапка. Тој претпоставува дека неговата смена е резултат на нечија претпоставка дека не е независен и објективен, што самиот го отфрла како неточно и невистиното.

Јас сум разрешен еден ден по завршување на локалните избори – вели Арифи, додавајќи дека неговиот предлог предвидувал компанијата да не се ликвидира, туку да се реорганизира, со оглед дека, како што истакнува, вредноста на имотот изнесувала околу 60 милиони евра или двојно повеќе од обврските кон доверителите во износ од околу 30 милиони евра. Згора на тоа, посочува дека деловниот центар секој месец остварува приходи од закупнини од околу 150 илјади евра.

ИСТРАГА ЗА ДОВЕРИТЕЛ

Ако Арифи се залагал за реорганизација на „Соравиа Инвест“, со цел друштвото да продолжи да работи, т.е. да стопанисува со деловниот центар „Соравиа“, што во пракса би значело дека истиот или друг правен субјект би продолжил да го прави тоа со амин на доверителите, тогаш каков сега ќе биде епилогот за компанијата? Како што ни изјави моменталниот стечаен управник Петров, Собранието на доверители ќе треба да донесе одлука за понатамошниот тек на постапката.

Од официјалните информации, податоци и изјави може да се заклучи дека ситуацијата ќе стане многу појасна по одржување на испитното рочиште на кое ќе се донесе решение за побарувања, како и по извештајното собрание на кое ќе биде избран Одбор на доверители. За појаснување, доверителите веќе пријавиле побарувања додека стечаен управник е Арифи, кој смета дека е меѓу ретките, а можеби единствен стечаен управник кој бил разрешен во рана фаза, односно пред одржување на претстојното рочиште.

Неофицијално, најголеми побарувања пријавиле веќе споменатата „Прва Инвестициона Банка“ од Бугарија, која покрена неуспешен обид за продажба на имотот преку извршител, како и „Тхор Индустриес“ поврзана со семејството Ахмети, која, пак, ја предизвика стечајната постапка и така спречи продажба на деловниот центар „Соравиа“. За тоа како ќе изгледа Одборот на доверители, конечниот збор, исто така, го има Собранието на доверители.

Во привремениот Одбор веќе имало смена на еден член, со тоа што „Манекс Корпорејшн“ влегол на местото на тетовската „А-3 Консалтинг“. Сепак, најголемо внимание привлекува третиот член, а тоа е кичевската компанија за обезбедување „2 СС“, која стана актуелна откако нејзиниот поранешен сопственик Џемал Билбиловски заврши во притвор под сомневања за злоупотреба на јавен тендер и оштетување на буџетот на ЈП за државни патишта за скоро 47 милиони денари, бидејќи не биле целосно обезбедувани наплатните станици за патарина.

Кога се говори за „Соравиа“, треба да се посочи и дека во 2023 година започна операција за промена на сопственичката структура во компанијата „Соравиа Инвест“. Како што е познато, албанската „Пе-Вла-Ку“ и домашната „Тхор Индустриес“ во сопственост на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, на прес-конференција најавија ќе го преземат деловниот објект „Соравиа“ од Хано Соравиа. Меѓутоа, по многу перипетии, оваа операција никогаш не беше завршена.

Моментално, „Соравиа Инвест“ се води во сопственост на „Ханно Соравиа ГмбХ“ и плус на еден субјект – „Реитергут ХС ГмбХ“, а последен управител беше Егзона Ризмани. Порано, Ризмани беше управителка и на „Соравиа Менаџмент“, како и на „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, кој, пак, претходно беше управител на „Соравиа Инвест“. Во моментов, оваа и други поврзани компании имаат блокирани банкарски сметки и долгови кон УЈП, а во Јавното обвинителство се води постапка.

Додека ја изготвувавме оваа сторија за стечајната постапка на „Соравиа Инвест“, се обративме и до Јавното обвинителство со прашање во која фаза е предметот поврзан со купопродажбата на деловниот центар „Соравиа“? Исто така, прашавме и во која фаза е предметот за кичевската агенција за обезбедување „2 СС“, која е еден од членовите на привремениот Одбор на доверители? По објавување на оваа сторија, добивме одговор дека постапките се во тек!


ДРИН АХМЕТИ ОПЕРИРАЛ СО „СОРАВИА“ ПРЕД СТЕЧАЈОТ –  ПРОДАЖБАТА НИКОГАШ НЕ СЕ ЗАОКРУЖИ!

 

Иако Дрин Ахмети одамна не фигурира како сопственик или управител на „Соравиа Инвест“ (моментално со фирмата управува стечаен управник), на почетокот на годинава тврдеше дека тој оперира и го раководи деловниот центар.

 

Во таа насока, Ахмети за Телма во јануари велеше дека за неколку месеци ќе се реализира продажбата и преземањето на објектот од досегашниот австриски сопственик, што не се случи, туку фирмата падна во стечај и нејзината судбина е неизвесна.

 

Како што објави телевизијата, во периодот од август 2023 до мај 2024 година, на сметката на фирмата „Тхор Индустриес“ на Ахмети беа уплатени како позајмици околу 7,5 милиони евра од американскиот бизнисмен со албанско потекло Ник Мехмети.

 

Поточно, парите од Америка биле уплатени на сметки во Австрија како дел од зделката за купување на трговскиот центар „Соравиа“, како и на сметки на самиот Дрин Ахмети и на сметки на вработени во „Соравиа“, додека дел од нив бил употребен и за купување криптовалути во Косово.

 

Ахмети во споменатото интервју тврдеше дека Ник Мехмети ги вложил парите добиени од продажба на акции и удели во информатичкиот гигант Nvidia и за тоа ги известил и македонските истражни органи.


ПРЕТСТЕЧАЈ ЗА „СОРАВИА МЕНАЏМЕНТ“, ДОЛГОТ КОН УЈП ИЗНЕСУВА 20 МИЛИОНИ ДЕНАРИ!

 

Додека тече стечајот за „Соравиа Инвест“, отворена е претсетачајна постапка за поврзаната компанија „Соравиа Менаџмент“, чиј сопственик моментално е Нијази Шаќири.

 

Co Решение од 25.09.2025 година на Основниот граѓански суд Скопје, се поведува претходна постапка за испитување на условите за отворање на стечајна постапка над должникот „Соравиа Менаџмент“, а за привремен стечаен управник е определен Димитар Калков.

 

Според официјалните податоци, оваа компанија има блокирана банкарска сметка и вкупен долг кон Управата за јавни приходи од 19.949.875 денари.


ФАМОЗНАТА „ТХОР ИНДУСТРИЕС“ ОСТАНА И БЕЗ ЛИЦЕНЦА ЗА ГРАДЕЊЕ!

 

Министерсвото за транспорт во текот на годинава и ја одзеде лиценцата за изведување на градби од А категорија на компанијата „Тхор Индустриес“ на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

 

Покрај тоа, оваа компанија има блокирана банкарска сметка, како и долг кон Управата за јавни приходи од вкупно 2,3 милиони денари.

 

Исто така, Дрин Ахмети се јавува и како единствен сопственик на друштвото „Еверест ЏД“, кое исто така има блокирана банкарска сметка и долг кон УЈП.

Слични вести