На денешното рочиште беа прегледани неколку снимки од просториите на МВР, како се врши пребројување и внесување во компјутер на сериските броеви од банкноти во апоени од 100 евра.
Пред крајот беше пуштена и друга снимка, на која се гледа како Љубе Бошковски е повторно донесен на паркинг на ресторанот Воденица од ЕБР Тигар, заедно со адвокат.
Од нив се бара да потпишат записници, по што се врши преглед на автомобил „Ланчиа“ со метално сива боја. Од багажниот простор на возилото се вадат документи, облека, неколку чанти и повеќе други работи што се документираат. Доказниот материјал се пакува во присуство на инспектори, адвокатот и Љубе Бошковски, по што Бошковски потпишува извештај.
На сниката се гледа како Бошковски е однесен во насока кон ресторан Воденица, а дел од инспекторите остануваат и го запечатуваат возилото, кое со шлеп служба се носи од паркингот кај ресторан Воденица. Потоа се гледа возилото како се остава на паркинг на МВР.
Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и за следните рочишта остануваат уште едно ЦД од МВР и снимки од дневниците на телевизиите.
Специјалното јавно обвинителство ги гони поранешен директор на УБК Сашо Мијалков и екс првиот човек на единицата Алфи, Ивица Антевски Пуки и петтмината припадници на „Алфите“ за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот Бошкоски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.