Предметите филозофија и логика не се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование, вели Јаневска

by Fokus

Не е точно дека предметите филозофија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование. Ова денеска го изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска, откако триесетина гимназиски професори по филозофија, логика и етика преку отворено писмо остро предупредија дека новата Концепција за реформи во гимназиското образование предвидува отстранување на овие предмети од наставната програма, промена што според нив, ќе создаде генерации ученици со ограничено критичко размислување и недостаток на етичките и логичките принципи.

„Ниту предметот филозофија, ниту предметот логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен јавен заклучок“, рече таа.

Посочи дека пред неколку дена била на средба со професорите од Филозофскиот факултет, со кои имала конструктивни разговори и од кои очекува поддршка, но и препораки, првенствено во корист на учениците.

На 16 јануари годинава, Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој во образованието соопштија дека е изработена Нацрт-Концепција за реформи во гимназиското образованиe. Ги повикаа наставниците, учениците, родителите, експертите и сите заинтересирани страни да дадат свои мислења, предлози и забелешки, со што би се вклучиле во јавна дискусија за усвојување на најдобрата верзија од оваа Нацрт-Концепција.

Концепцијата е достапна на официјалната страна на Бирото за развој во образованието, а коментари можат да се испраќаат најдоцна до 31 јануари на адресата: javnarasprava@bro.gov.mk.

Поврзани новости