Демократскиот сојуз на Павле Трајанов и ЛДП на Горан Милевски го поздравија предлогот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за намалување на бројот на пратеници во парламентот од 120 на 90, како и неговата понуда за изборна единица.
„Полека се гради консензус околу реформа на изборниот процес во целина и очекуваме тоа да се случи со темелни промени на Изборниот законик, за да се обезбедат рамноправни услови и демократски правила за изборен натпревар на сите политички партии. Бараме за измените на Изборниот законик најитно да се закаже расправа во Парламентот и да се донесат промените“, велат од ДС.
И Милевски истакнува дека неговата партија уште во 2010 ја промовирала идејата за намалување на бројот на пратеници на 90. Сепак, порачува тој, добро е што и другите партии конечно се свесни дека ни се потребни мали и ефикасни институции.
„Ние знаеме дека идеите на ЛДП во моментот на предлагање се неразбирливи и неприфатливи, но добро е да се знае дека сме пред времето со нашите ставови. Се радуваме што и другите политички чинители конечно разбираат дека на македонската држава и требаат мали и ефикасни институции“, посочи лидерот на ЛДП.
Артан Груби од ДУИ, пак, вели дека измените на Изборниот законик и на Уставот треба да се направат со консензус меѓу партиите. Ако се отвори Уставот, според него, треба да се отворат и други прашања.
-Ме радува фактот што опозицијата е подготвена за отворање на Уставот. Во тој случај ние имаме и други теми кои треба да бидат опфатени во овие уставни измени како што е спорот со Бугарија или вметнувањето на бугарската, хрватската или црногорската заедница и укинувањето на ограничувањето од 20 отсто за употреба на албанскиот -рече Груби.
Инаку, премиерот Димитар Ковачевски позитивно одговори на предлогот на Мицкоски, потенцирајќи дека СДСМ ги кани сите политички партии и политички фактори во државата на разговор за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 во македонското Собрание, со што, според него, ќе се подобри функционалноста на македонската демократија и ќе се намалат трошоците.