За Предлог-законот за амнестија, поднесен од пратениците Павле Трајанов и Лилјана Поповска, денеска останатите пратеници на 10-то продолжение на 74-та седница одлучија дека не е прифатлив и не може да помине во понатамошно читање.
Предлагачот Павле Трајанов објасни дека Предлог-законот изработен од страна на Демократскиот сојуз врз основа на направени анализи на состојбите во Република Македонија и врз основа на компаративни искуства.
-Амнестијата не е терен за добивање политички поени, тоа е лизгав терен за секој оној кој говори за или против амнестијата. Очекувам сите пратенички групи да го поддржат овој Предлог-закон, рече Трајанов.
Сепак, другите пратеници заклучија дека тој не може да помине во понатамошно читање. Предлог-законот за амнестија предвидуваше амнестија на осудени лица за сторени кривични дела со единствена казна затвор до три месеци, како и за сторителите на кривични дела криумчарење мигранти, за кои се предлагаше потполно да се ослободат.