Пратеничката група на СДСМ предлага заклучоци за денешната седница на која ќе се разгледува францускиот предлог, кои според нив, ги заштитуваат јазичните, идентитетски, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ.
Се задолжува Владата на Република Северна Македонија, преку државната делегација за преговори со ЕУ, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата усвоена од Собранието на Република Северна Македонија, на 29 јули 2021 година.
Се задолжува Владата на Република Северна Македонија:
А. Во Преговарачката рамка, Македонскиот јазик да биде наведен без било какви објаснувања, додавки или фусноти.
Се задолжува Владата при склучувањето на било какви договори, спогодби и документи со Европската унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите да се потпишат со поименично наведување на Македонскиот јазик без било какви објаснувања, додавки или фусноти.
Се задолжува Владата во текот на преговорите за пристапување се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ и по приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за Македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Северна Македонија во полноправно членство во ЕУ, Македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ без било какви објаснувања, додавки или фусноти.
Б. Се задолжува Владата билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската унија.
В. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со ЕУ.
Г. За одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, согласно предлогот на Француското претседателство со ЕУ, да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки.
Се задолжува Владата на Република Северна Македонија горенаведените Заклучоци да ги вгради во Отворачката Изјава на Република Северна Македонија на првата Меѓувладина конференција со Европската унија.
Се задолжува Владата на Република Северна Македонија редовно и континуирано да го информира Собранието на Република Северна Македонија за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивањето на Меѓувладините конференции за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.
Пратеничката група на СДСМ тврди дека усвојувањето на овие заклучоци, кои ќе бидат задолжителни за владата, но и за сите идни влади, ќе го обезбеди европскиот пат на земјата со безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, за кои во ниту еден момент не се преговара и никој никогаш не може и не смее да преговара.