НСДП предлага граѓаните кои приклучокот на фиксната телекомуникациска мрежа го финансираа од семејниот буџет да бидат обесштетени со по 200 акции од акциите кои ги поседува Владата на Република Македонија во акционерското друштво „Македонски телком“, во рок од 6 месеци по формирањето на новата влада. На овој начин, граѓаните ќе добијат акции со пазарна вредност од околу 1.000 евра.
Исто така, НСДП предлага со по 200 акции да се стекнат и сите граѓани што биле вработени во работната огранизација „Македонски пошти и телекомуникации“, пред нејзиното раздвојување на посебни компании, „Македонски пошти и Македонски телекомуникации“, а кои не се стекнале со акции од „Телекомот“ при претходната распределба на 2% од вкупните акции.
НСДП смета, дека на овој начин десетици илјади граѓани ќе бидат непосредно обесштетени за неправдата која им беше нанесена со приватизацијата на „Македонски телеком“.
„Груевски на својот грб, носи економска неправда и обесправеност на граѓаните не само како премиер, туку неговиот потпис и како министер за финансии значеше нанесување на штета на интересите на граѓаните. Во оваа насока, НСДП како дел од своето политичко делување, односно како предлог зад кој силно застанува и ќе се бори да се најде во приоритетите на новата власт во Република Македонија по 11 декември ќе биде обесштетување на граѓаните кои со неповратни финансиски средства учествуваа во развојот на телекомуникациската мрежа во државата, во годините пред приватизацијата на „Македонски телеком“ во 2001 година“, вели НСДП.
Партијата на Тито Петковски потсетува дека во периодот од 1981 до 2000 година, помеѓу 30 и 40 илјади граѓани приклучокот на фиксната телефонска мрежа го финансираа со сопствени средства, период во кој „Македонски телеком“ заедно со „Македонски пошти“ не користеа никакви дотации od државата, кредити, грантови или слични средства, односно целиот имот беше изграден со пари на граѓаните.
„При приватизација овие граѓани не добија ниту денар, иако непосредно учествуваа во градењето на капиталот на претпријатието“, вели НСДП и најавува исправање на оваа неправда, направена со помош на потписот на Никола Груевски како министер за финансии во 2001 година.
Според оваа партија по 11 декември со започнувањето на процесите на демонтажа на авторитарниот систем на ВМРО-ДПМНЕ, односно на враќањето на демократијата и правната држава, новата власт од својата агенда не може да ги исклучи прашањата на економската обесправеност на граѓаните како последица од политиките на актуелното раководство на владејачката партија спроведувани не само во изминативе десет години, туку и во периодот од 1998 до 2002 година.