Предлог буџетот за 2025 година денеска на владина седница

by Fokus

Предлог буџетот за 2025 година денеска ќе биде разгледан на седница на Владата, потврди премиерот Христијан Мицкоски.

На новинарско прашање Мицкоски оцени дека индикаторите се подобруваат и се раздвижуваат работите на големите инфраструктури проекти. Потенцираше дека е добро што нема драматично зголемување на дефицитот и оти постепено има изедначување со капиталните инвестиции.

– Капиталните инвестиции се некаде на ниво од 50-ина милијарди денари, од коишто 32 милијарди се од основниот буџет и некои 80-ина од заеми и програми коишто се веќе тековни или допрва ќе бидат земени. Буџетскиот дефицит мислам дека е околу 41-42 милијарди денари. Оваа година е добро тоа што немаме драматично зголемување на дефицитот, постепено капиталните инвестиции и буџетскиот дефицит се изедначуваат. Тие се сега негде на ниво 300 со 400 милиони евра, очекувам до крајот на годината да бидат многу блиску, иако знаете наследивме трипати поголем буџетски дефицит споредено со капитални инвестиции, но за овие неколку месеци Министерството за финансии и Владата успеаја да го консолидираат и сега засега состојбата е некаде нешто над 18 милијарди денари капитални инвестиции, некаде околу 24,5 милијарди денари, рече Мицкоски.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска вчера изјави дека Буџетот за 2025 година ќе биде развоен и оти нема да биде занемарена и социјалната компонента.

– Социјалата не може да се исклучи комплетно. Предвидена е поголема контрола, но ако сакате да ја намалите треба да преземете нешто. Затоа планирани се мерки за преквалификација на примателите на социјална помош, со цел да почнат со работа. Исто така поголем фокус ќе се стави на дигитализација на процесите во Министерството за социјална политика, демографија и млади, рече министерката.

Проекциите коишто ќе бидат пренесени во Буџетот за 2025 година беа презентирани со усвојување на Фискалната стратегија, односно 4 проценти буџетски дефицит и 3,7 проценти проценти раст на БДП.

– Се што е предвидено во рамки на Буџетот ќе биде реализирано. Капиталните расходи се планирани некаде над 44 милијарди денари , што во овие услови претставува одлично ниво. При тоа за разлика од претходно ќе се фокусираме на квалитетни проекти, како што се општинските за кои се потпишаа договорите. Нема да отстапиме од таа реализација на проектираниот економски раст, бидејќи нашиот фокус се поддршка на инвестиции. При тоа кога зборуваме за инвестиции зборуваме за вистинска реализација на инвестиции. Тоа го потврдив и на состаноците во Вашингтон со високи претставници на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, истакна министерката.

Поврзани новости