Економско-социјалниот совет денеска ја одржа четвртата седница со која претседаваше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, а беа присутни вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министрите за финансии, информатичко општество и администрација Фатмир Бесими и Адмирим Алити. На седницата присуствуваа и претставници на работодавачите, репрезентативните и нерепрезентативни претставници на синдикатите.
Како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, на денешната седница се дебатираше по девет точки, меѓу кои предлог-антикризни мерки на синдикатите, при што министерот Бесими посочи дека првата фаза при креирањето на мерките е брза реакција со општи антикризни мерки, со цел да се апсорбира шокот од инфлацијата. Организацијата на работодавачите, се наведува во соопштението, се согласи мерките да бидат таргетирани и воедно зборуваа за влијанието на цената на електричната енергија врз нивната рентабилност.
– По Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, уште еднаш од страна на владините претставници беше посочено дека нема да има отпуштања, ниту намалување на платите и согласно планот, се препорачува работа од дома само онаму каде има можност за тоа. Ќе се воведе пракса во креирањето на планот на фискална одржливост секоја година да учествуваат и социјалните партнери. Во врска со новиот Предлог-закон за вработените во јавниот сектор и Законот за административните службеници, министерот Алити изрази отвореност за соработка и вклученост на сите синдикати за предлози и коментари, информира МТСП.
На седницата беше презентиран и извештајот од Државниот инспекторат на трудот, за спроведени инспекциски надзори во врска со исплата на регресот за годишен одмор, во врска со повреди и примена на одредби од колективни договори (на сите нивоа), примена на одредби од Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, повреди од областа на безбедност и здравје при работа, како и во врска со примена на Законот за минимална плата од страна на работодавачите.
– На седницата се зборуваше и за новиот Правилник за постапката за доставување и регистрирање на колективните договори и нивните измени до надлежниот државен орган и начинот на водење на евиденцијата на доставените колективни договори. Присутните се информираа и за Предлог-закон за родова еднаквост за кој веќе се во тек јавни дебати, а беше дадена и кратка информација за Предлог- законот за спречување и заштита од вознемирување на работа. Предлог-законот за заштита од вознемирување има првична драфт верзија и во нареден период треба да се разгледаат и предлозите од социјалните партнери, се наведува во соопштението.
На крајот на седницата беше отворено и прашањето за подготовката на новиот Закон за работните односи, која трае подолго време, на што министерката Тренчевска истакна дека до крајот на годинава ова законско решение ќе влезе во владина процедура. Претходно ќе бидат одржани јавни дебати во девет градови, со цел да се слушне мислењето на сите релевантни чинители во општеството.