Предизвик!

by lali

Чудно е како ова со предизвикувањево, прво оригиналното полевање со кофа мраз, па потоа со ладна вода, за да продолжи потоа со предизвикување за запишување наслови на книги итн, толку лесно станува општ тренд. Веројатно има многу причини за тоа, некои од нив се навистина општествено полезни, како што првично се замислени овие иницијативи за предизвикување.

Но, најглавната причина зошто предизвиците веднаш така стануваат популарни мислам дека лежи во причината што човекот, сам по себе, е предизвикувачко суштество. Се предизвикува лесно, дури некогаш и се предизвикува без и воопшто да биде предизвикан. Токму и поради овој порив на човекот да биде предизвикуван, еден од најважните критериуми за мудрост, памет и умереност е, и уште ќе биде, неговата воздржаност при предизвикување.

Освен лесно, човекот се предизвикува и често, така што станува тешко и кога би сакал да издвои некој предизвик за евидентирање во еден краток период. Актуелно тоа веројатно би бил Денот на независноста, 8 Септември, и интервјуто на премиерот дадено за еден странски весник.

САМО ТОЛКУ НИЧИЈ ПРАЗНИК, МОЖЕ ДА БИДЕ СЕЧИЈ

Првиот, празничниот ден, освен што е значаен како роденден на државата, предизвикува и со нешто друго. Имено, овој ден е толку ничиј празник, што плаче за да биде сечиј празник. Имено, многу малку биле оние граѓани, иако во голем број ја гласале, кои навистина сакале ваква разнишана, неизвесна и двозначајна независност, каква што им беше предочена на граѓаните на тој ден во 1991 година. Тогаш и ДПМНЕ и Албанците беа за некои поинакви видови понагласена независност од дотогашна Југославија, која сè повеќе стануваше само Србија.

Една од добрите работи во младите држави е тоа што не можеш туку-така лесно да ги излажеш граѓаните за тоа како настанала зашто повеќето од нив сѐ уште ги паметат и денот и годината, но и се постари од самата таа држава. Иако секогаш на овој ден, секоја година, гледаме безочни обиди за спинување и за пропаганда, кои се само странски зборови за лага, за тоа кој каде бил и кој за што бил.

За да кажеме дека единствено 8 Септември е вистински предизвик да стане сечиј празник, треба да кажеме и нешто за тоа дека оваа земја уште нема таков празник. Сите други се колективно од некој дел од граѓаните во основа неприфатливи или во најмала рака оспорувани. Оваа земја има релативно голем број празници, а дури и неколку национални денови важни за целата држава. Втори август, 13 Август, 11 Октомври, 23 Октомври. Два од овие денови досега имаа пренагласен партиски третман, и со тоа историски ја изгубија шансата да бидат сечиј празник. Денот на Рамковниот и Денот на ВМРО.

За 2 Август, иако е историски национален ден, сепак поврзувањето со еден верски празник, како Илинден, во самото негово именување е пречка да биде празник и за припадниците на другите вери. Исто така, и 11 Октомври е оспоруван од дел на граѓаните поради комунистичкото наследство што потоа го донело ослободувањето на земјата кое почнало на тој ден.

СЕКОЈА ГОДИНА, НОВА КРИВИНА

Така, еден од евидентираните национални недостатоци, немањето национален празник на сите граѓани, од постојните празници би можел да го исполни само 8 Септември. Тоа, секако, може да се направи само со вистински политички третман на тој ден, а не со ваков однос, кој се повторува секоја година. Однос во кој предничат албанските функционери од ДУИ, кои никако да поврзат дека, сепак, со гласањето на Рамковниот, Албанците политички веќе ја изгласале Македонија, макар тоа и да било десет години по референдумот со трик-прашање, што не го гласале.

Така, тие една година ќе решат да го прославуваат дури придружувајќи се во сликањето до спомениците на најсекташкиот проект, „Скопје 2014“, а потоа, в година, ќе решат дека тој ден нема да биде прославуван поради тоа што никој не им се приклучува на прославата на Рамковниот. И така, секоја година, нова кривина, никако не наоѓајќи го правиот пат на доследноста.

БУЏЕТОТ Е КРАЛОТ, ЗАТОА СЕДИШТЕТО Е ПАЛАТА

И овие другиве, нивниве ортаци од ДПМНЕ, кои толку забегале во границите што е држава, што фамилија, а што партија, кога, сакајќи да ја прикријат вистината дека главниот во тие нешта, сепак, е министерот за финансии, одлучија да не го направат свеченото отворање на објектот на Кралот на буџетот тој ден, барокното седиште на Министерството за финансии, туку некој ден претходно. А на Денот на државата само некоја катна гаража. И тоа насловена со име кое претставува навреда за вистинската историја на Солунскиот конгрес. Затоа, овие ваквиве, заслужуваат топтан да бидат прашани како во познатиот виц: „Вие се паркирате или правите нешто друго?“

Интервјуто на премиерот не го заборавив, но мислам дека е пресомнително за предизвик. Тоа интервју, иако е дадено во неделник што се печати тука и на македонски јазик, сепак е сопственост на фирма од странска земја, Белизе. Па, по тоа што читаме дека таа земја, всушност, банкротирала, а неделникот тука на две третини од своите страници се занимава со ИСИС, Ирак и со Сирија од каде што да знаеме дека, всушност, не му е продаден, следствено банкротот на Белизе, на некој во Калифатот таму, па сега тие вака прават индиректна пропаганда?! Сепак, ние, граѓаните, треба да бидеме повнимателни од премиерот, нас сега може да нѐ стигне законот, а него самиот дури отпосле, кога веројатно ќе го истражуваат и за врските со медиумите со докрај неразјаснета сопственост!

Поврзани новости