Предизборниот популизам ќе предизвика големи буџетски штети кои повторно ќе одат на грбот на граѓаните!

by Fokus

Изненадени сме од леснотијата со која мнозинството пратеници продолжуваат авантуристички, по секоја цена да ја туркаат процедурата за усвојување на противуставните и скандалозни законски измени на законот за игри на среќа со ЕУ знаме. Притоа, воопшто не ги земаат предвид забелешките на Европската комисија за злоупотреба на ЕУ знамето. Дури, воопшто не земаат предвид што Претседателот Стево Пендаровски во интервју на јавниот радиодифузен сервис изјави дека нема да го потпише указот за стапување на сила на овие измени, бидејќи истите немаат никаква врска со ЕУ регулативите. Тој директно посочи дека за вакви измени е неопходна поширока општествена дебата бидејќи многу човечки судбини се доведени во прашање. Без разлика на сето ова, првата работа со која Собранието реши да се занимава после новогодишните празници се измените на Законот за игри на среќа. Ништо во државата не е поважно од затворањето на легалните објекти за игри на среќа и оставање на 10 илјади вработени во индустријата без егзистенција.

Со оглед на фактот дека седница на Комисијата за европски прашања е закажана на 10 јануари 2024 година, ја користиме оваа прилика да упатиме уште еден апел да ни биде овозможено на сите пратеници, без разлика на нивната политичка, етничка или верска припадност, аргументирано, стручно и основано да им укажеме за крајно штетните последици кои неминовно следат доколку овие противуставни и скандалозни законски измени бидат усвоени од Собранието во ваква форма и содржина. Како Асоцијација на приредувачи на игри на среќа (АПИС) уште на 07 март 2023 се обративме до претседателот, членовите и замениците на Комисијата за европски прашања согласно член 122 став 2 од Деловникот на Собранието, со барање да ни се овозможи учество на седниците на кои ќе се разгледуваа измените. На 16 ноември 2022 со писмени барања адресирани до владата и министерството за финансии побаравме нашите правни тимови да бидат вклучени во процесот на изработка на предложените измени со цел нашето практично искуство да биде искористено за изработка на одржливо законско решение. За жал, и покрај писменото ветување на министерството за финансии од 19 декември 2022 дека после изготвувањето на првичниот драфт на измените ќе ни се овозможи како засегната страна да се вклучиме со свои мислења и коментари, тоа не се случи.

Аргументите се наша страна. Одговорно тврдиме дека предизборниот популизам ќе предизвика големи буџетски штети кои повторно ќе одат на грбот на граѓаните. Ќе се покрене иницијатива пред Уставен суд, ќе следат тужби за астрономски штети. Никому не е во корист да се донесат законски измени кои на среден рок ќе направат несогледиви последици кои многу тешко ќе можат да се поправат. Целата економска дејност – игри на среќа годишно приходува 280 милиони евра во буџетот, што е зафаќање од најмалку пет проценти од приходната страна на централниот Буџет предвиден за 2024 година. Во оваа дејност се вработени 10 илјади луѓе, а индиректно помага меѓу 54 илјади до 100 илјади работни места во државата.

Конечно, како Асоцијација на приредувачи на игри на среќа имаме одговорност да ги заштитиме нашите вработени и огромните инвестиции во Северна Македонија кои ја придвижуваат македонската економија напред. Единствено рационално и општествено одговорно однесување е сите пратеници да ги уважат нашите аргументи и предупредувања. Секоја крајност раѓа друга крајност. Бидете сигурни дека нема да бидеме неми набљудувачи на жртвувањето на цела легална економска дејност во предизборни цели и заради задоволување на нечии бизнис интереси.

АСОЦИЈАЦИЈА НА ПРИРЕДУВАЧИ НА ИГРИ НА СРЕЌА – АПИС

Поврзани новости