Ова не е некое ново ВМРО-ДПМНЕ, оваа е истата политичка структура, вториот ешалон од времето на Никола Груевски сега стана прв. Политичари градени и созреани во партиска структура, поставена на авторитарни и националистички темели, сега повторно ќе ја бараат довербата на граѓаните.
Пишува: Фатмир БИТИЌИ
Многу гласови се стишија, а и погледи настрана се свртеа, од суштинските промени, кои од 2017 година до денес, се направија, а кои се силен контраст во однос на периодот кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја имаше заробено државата.
Можеби некои ќе се прашаат зошто во 2024 година се потребни вакви споредби, кога тоа време е далеку зад нас.
Да, тоа време е далеку зад нас, но децата на тоа време се овде, пред нас, пред нашата иднина.
Затоа што ова не е некое ново ВМРО-ДПМНЕ, оваа е истата политичка структура, вториот ешалон од времето на Никола Груевски сега стана прв.
Политичари градени и созреани во партиска структура поставена на авторитарни и националистички темели, сега повторно ќе ја бараат довербата на граѓаните.
Сегашната кадровска понуда на ВМРО-ДПМНЕ, своите први политички резултати ги испорача во 2010 година, кога полицијата упадна во А1 телевизија, кога целото општество беше турнато во амбис.
Своето „државничко“ искуство го софистицираше на 24 декември 2012 година, кога новинарите и дел од пратениците ги влечеа по ходниците на Собранието.
Откако го исквернавија храмот на демократијата, своето политичко полнолетство го прославија на 27 април 2017 година, кога државата ќе ја турнеа во граѓанска војна.
Станува збор за иста политичка матрица, која во јавноста продуцира негаторска реторика, исполнета со „ние не сме…“, „не“, односно полна со деградирачки политички набој, кој е надвиснат над државата, над она што успеавме да го промениме и можностите што ги создадовме.
Затоа е важно компаративно да се постави демаркационата линија на политичката понуда во пресрет на претстојните парламентарни и претседателски избори, да се направи базично дефинирање на два различни пристапи кон фундаментите на државата, демократијата и економијата.
Една суштинска вредност за нашата држава, а тоа е слободата, се наоѓа под „радарот“ на јавноста.
Тоа што никој не зборува, не дебатира, што не посочува на неа, може да се протолкува и како нејзино живо присуство меѓу нас.
СЛОБОДНИ МЕДИУМИ
Да, ние сме слободни, граѓаните уживаат во неа, живеат слободно. За тоа зборува и Индексот на слобода на медиумите за 2023 година, подготвен од „Репортери без граници“, а каде што нашата држава се најде на 38-то место во светот, од 180 држави.
Ситуацијата, во 2016 година, беше драматична, слободата беше неостварена желба, затоа што во таа година, ЕУ нѐ прогласи за заробена држава, бевме на 118-то место во светот.
СДСМ ги ослободи медиумите и граѓаните добија моќ да донесуваат информирани одлуки.
Има разлика, и тоа голема, а која зборува за посветеноста на СДСМ кон слободата, кон слободната мисла, кон правото на слободно искажан став.
Слободата на медиумите е незаменлива за државата и за нејзините граѓани, таа е основа на здрава и енергична демократија.
Но, не само тоа, медиумите имаат важно влијание и врз економската стабилност, затоа што информираните граѓани се клучни за здрава економија, бидејќи инвестирањето и довербата во институциите се засновани на добро информирани и активни граѓани.
Слободните медиуми не се само потпорни точки за спротивставување на репресија, туку поттикнуваат прозрачност и одговорност на бизнисот и владата, што има директно влијание врз создавањето динамична економска средина.
Естаблишментот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се „калеше“ во период кога зголемувањето на платите и куповната моќ беше еден далечен сон за граѓаните.
Сега со крената глава зборуваме, не само за промени во економијата, туку и за реални можности, кои, освен што го заштитија животниот стандард на граѓаните во тешки економски години, туку и го унапредија.
Само за период од една година успеавме просечната плата да ја зголемиме за 17,3 отсто или за 5.739 денари.
Ако истата во октомври 2022 година изнесуваше 33.104 денари, во октомври 2023 година се зголеми на рекордни 38.843 денари.
Што значи ова за благосостојбата на граѓаните? Ако земеме дека во октомври минатата година, инфлацијата се намали на 3,5 отсто, тоа значи дека реалните плати се повисоки од растот на трошоците за 13,5 отсто, имаме раст на платите кој е за околу петпати поголем од тој на инфлацијата.
Кога СДСМ дојде на власт, во октомври 2017 година, просечната плата изнесуваше 23.356 денари, што значи дека успеавме да ја зголемиме за 15.487 денари.
ПОДДРШКА ЗА БИЗНИСОТ
Под налетот на најголемата економска и енергетска криза со која современиот свет се има соочено, неуморно работевме за да може напорната работа на граѓаните да биде достоинствено наградена и СДСМ во тоа успеа.
Да се потсетиме кога актуелните економски архитекти на ВМРО-ДПМНЕ беа претходно на власт, што направија, кои резултати на граѓаните им ги испорачаа.
На пример, ако во октомври 2016 година, просечната плата изнесуваше 22.460 денари, една година претходно, односно во октомври 2015 година, таа изнесуваше 22.213 денари, односно за една година се зголеми само за 247 денари.
Во времето кога бев од другата страна, во приватниот сектор, главната тема на разговор беше колку државата должи кон стопанството, кон фирмите.
Тоа е периодот кога бизнисот се држеше во грч, кога успесите на компаниите не зависеа од претприемачките способности на менаџментот, туку од волјата на власта.
Законската обврска за поврат на ДДВ се инструментализираше за политички цели.
Целото стопанство беше турнато на колена пред тогашната владејачка партија, компаниите беа уценувани, доведени во ситуација на политичка сервилност, притоа не водејќи грижа дека истите тие имаат вработени, кои дома на своите деца треба да им купат млеко, да ги облечат, да ги подготват за на училиште.
СДСМ ова го искорени, промовираше еден сосем нов пристап за тоа како една владејачка партија треба да се однесува кон стопанството.
Државата повеќе не должи на бизнисот, туку го поддржува, го наградува.
Само преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите успеавме за шест години да изградиме портфолио од 919 компании, кои за шест години имаат инвестирано над 500 милиони евра, за што се поддржани со 100 милиони евра.
Ова се само дел од резултатите во темелите на државата, демократијата и економијата, кои не само што се зад нас, туку тие се основата на она што ќе следува, тие исцртуваат дел од траекторијата по која нашата земја ќе продолжи да се движи со СДСМ.
(Авторот е потпретседател на СДСМ)