Предистражна постапка за лекари кои издале фалш белешки на обвинети од СЈО

by fokus

Скопското обвинителство врши проверка на наодите на своите колеги од специјалното јавно обвинителство, дали тројца лекари им издале фалш медицински белешки за боледување на обвинети во предметите на СЈО, дознава „Макфакс“.

Основното јавно обвинителство Скопје кон крајот на минатата година отворило предистражна постапка за овој случај, откако претходно Државниот санитарен и здравствен инспекторат со извештај констатирал пропусти при проверките на медицинските белешки.

По барање на СЈО, Инспекторатот минатата година направи серија проверки и утврди дека медицинската документација за боледување на Гордана Јанкулоска (обвинета во неколку предмети на СЈО), Ѓоко Поповски (обвинет во „Триста“ и „Тенк“) и Милан Андоновски (обвинет во „Насилство“), со што ќе го оправдаат отсуството од судските рочишта, има низа пропусти.

Инспекторатот испратил екипи во приватна здравствена установа и во специјалистичка клиника, од каде што на обвинетиот Милан Андоновски му беше издадено боледување непосредно пред одржувањето на едно од судските рочишта за предметот „Насилство“.

Неофицијално, некои од лекарите што ги издале боледувањата не ги исполниле потребните прописи, а не биле направени соодветните лабораториски анализи. Обвинителката Фатиме Фетаи пред едно од рочиштата посочи дека боледувањата на обвинетиот Андоновски му биле издавани наменски непосредно ден пред судењата. СЈО се посомнева во оправданоста на отсуствата и побара притвор за Андоновски.

Поврзани новости