„Македонија е сложена формула“, знаеше да каже првиот претседател Киро Глигоров, човек обдарен со трпение и интелигенција, толку потребни во тие времиња на полудени национализми, кои убиваа и палеа. Во воениот хаос на крвавите етнички војни, Македонија ја стекна независноста на маса со поддршка на Америка и на ЕУ и без испукан куршум.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Кој е најголемиот успех на нашата држава во овие 32 години, прашува новинарот. Тоа што сѐ уште ја имаме државата, одговарам.
Кога една жена го прашала Бенџамин Франклин, кој претседавал со конвенцијата од 18 септември 1787 година, а на која е прогласена независноста на Америка, што изгласале, монархија или република, тој одговорил:„Република, госпоѓо, ако можете да ја сочувате“.
Ни малку лесно, ние ја сочувавме нашата република. Предизвиците беа бројни и сите ги знаеме.
„Македонија е сложена формула“, знаеше да каже првиот претседател Киро Глигоров, човек обдарен со трпение и интелигенција, толку потребни во тие времиња на полудени национализми, кои убиваа и палеа.
Со текот на годините, сите разбравме колку е сложена македонската формула. Кога му го поднесов на масата предлог-текстот на писмото наменето за сите претседатели и министри за надворешни работи на државите во светот, со повик да нѐ признаат, Глигоров се замисли над делот во кој стои дека новата држава ги признава и ги прифаќа како меѓународни, границите на Социјалистичка Република Македонија.
Промрморе само: „Што ли ќе каже на ова мојата генерација“. По куса размена на мислења на таа тема, претседателот потпиша.
Сега знам дека не му било лесно затоа што требаше во име на својата генерација де факто да се откаже од делот во манифестот на АСНОМ, во кој стои дека Републиката е пиемонтот околу кој одново ќе се обедини поделената татковина.
Всушност, ако добро се сеќавам, Киро Глигоров заедно со Кирил Миљовски и други, е коавтор на Манифестот.
ПРЕКИН СО МИНАТОТО
Но, еве го парадоксот од 1991 година пред кој беше исправен првиот претседател: заради опстанок, но и континуитет на македонската држава, тој мораше да направи прекин со минатото.
Мораше да се „димензионира“ или, според народната, да си ги спружи нозете колкава му беше чергата.
Џорџ Кенан, истакнат американски дипломат, во предговорот на книгата „Другите балкански војни“ пишува дека поранешните југословенски републики добија голема поддршка од Америка и од ЕУ, но дали ќе опстанат, зависи од тоа дали ќе знаат „да се димензионираат“ во светската политика.
„Димензионирање“, во нашиот случај, значеше прилагодување на една мала држава кон новата ситуација: не веќе како дел од сојузот на јужнословенските народи со статус на регионална воена сила, туку сама и со неизградена дипломатска мрежа.
Некој може да заклучи дека ова било првото „предавство“ во независна Македонија, омилениот збор во лексиката на македонските националисти за сите наши прилагодувања.
Зашто, како што своевремено ќе напише Коле Чашуле, најголемото предавство од сите можни е да се откажеме од другите делови на „поделената татковина“, нашата „етничка Македонија“.
Немаше никаква шанса да бидеме меѓународно признати од државите во светот без прифаќање на границите на поранешните републики за идни меѓудржавни граници, како што одлучија големите сили, но да не заборавиме дека национализмот беше секогаш опција.
Всушност, во тие години ова беше најлесната и најпрофитабилна опција. Доволно беше на врвот да седеше човек подготвен да „заигра на таа карта“.
За среќа, тоа не беше случај со Македонија.
Во моменти кога не беше консолидиран политичкиот систем на земјата, а надворешната политика беше во рацете на претседателот, тој, едноставно, премина преку темата од неговата младост.
НЕЗАВИСНОСТ БЕЗ КУРШУМ
Да се отвореше дебата и да се спроведеа анкети насловени „Македонија цела или Македонија од три дела“, прашање е колку Македонци би поддржале ваков прекин со минатото во име на европската иднина.
Врз она што се замисли Глигоров таа 1991 година, сигурно се замислиле авторите на договорот од Преспа, кои го направија следниот чекор: се согласија да ја модифицираат преамбулата бришејќи ги нашите иредентистички аспирации кон соседната држава.
Намерата со текстов ми е да покажам дека дебатата за нашето минато може да се води смирено или со хистерични повици за предавство.
Од оваа временска дистанца станува појасно дека нашето „димензионирање“ бараше прилагодување кон новата реалност на суверена држава во опасното море на меѓународната политика.
Во таа смисла, во право е Кенан кога вели дека, во еден поприлично брутален свет, добивме многу. Особено Македонија која, во воениот хаос на крвавите етнички војни ја стекна независноста на маса со поддршка на Америка и на ЕУ и без испукан куршум.
Се разбира, националистите и на тоа му најдоа мана, како во изјавата на еден нивен интелектуалец: „Каква независност е тоа, во која не е испукан ниеден куршум?“.
Тоа дека куршумот ќе завршеше во градите на некој млад војник од Словенија, Хрватска, Босна, Србија, Црна Гора или Косово, во касарните во нашата земја, е ништо во споредба со „херојскиот“ чин, кој, ете, му недостасувал за вистинска прослава.