Изградбата на бензинската пупма на компанијата Пуцко Петрол кај хотелот Александар Палас, односно спроти базенот „Младост“ во општина Карпош е оспоредна пред Уставниот суд.
Скопјанката Наташа Шурбановска пред Уставен ја оспори одлуката на Советот на Општина Карпош за донесување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 04, Блок 3 04.05.
-Според подносителот со овој ДУП се предвидува изградба на бензинска пумпа спроти базенот „Младост” во општина Карпош на дел од сообраќајната инфраструктура.
Подносителот смета дека Одлуката не е во согласност со Уставот и членовите 108 и 110, Законот за урбанистичко планирање, ГУП за Град Скопје и Правилникот за урбанистичко планирање. Подносителот предлага времена мерка забрана за градба на објект до донесување на конечна одлука на Уставниот суд, соопштуваат од Уставен.
Оваа одлука ја изгласаа шеснаесет советници од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ГРОМ во општина Карпош, а против беа советниците од „Независни за Карпош“ и од Левица.
-Едно е да се носи ДУП заради содржини од интерес на жителите на општината, а друго е да се носи ДУП во интерес на приватен капитал. И покрај заканите дека доколку не гласаме т. е. не соработуваме ќе бидеме кривично гонети, како и приказните дека Општината ќе биде финансиски заглавена, за кои има нула конкретни достапни документи и информации, ние од ‘Независни за Карпош‘ повторуваме дека сме избрани од граѓаните да гласаме онака како ни налага нашата совест – порачаа од Независни за Карпош.
Како што веќе пишуваше Фокус, токму за овој плац се однесуваше реакцијата на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски до скопската градоначалничка Данела Арсовска, која, според него, требала да формира Комисија за урбанизам и да се заврши постапката околу ДУП-от, бидејќи во спротивно Карпош ќе треба да плати оштета од 15 милиони евра.