ПРЕД СИЛНОТО ВРЕСКАЊЕ И ФАКТИТЕ МОЛЧАТ

by fokus 13:17
13:17

Во САД мафијата правеше сведоци да исчезнуваат за да не се појават во судот. Во Колумбија, најбогатиот криминалец, Пабло Ескобар за да ги уништи доказите против него во депото на судот, организира напад врз судот и го уништува. Слично, Груевски направи Кривичниот суд како институција која одмерува правда сосема да исчезне, а тоа што се случува таму е само пародија.

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

- Advertisements -

Во само неколку дена во Македонија се случија толку многу настани, главно вознемирувачки, што граѓанинот се уште не успеал да процесира една информација, веќе се обелоденува нов скандал.

“Трезор” на СЈО обелодени истовремено и пљачка на државниот буџет и вознемирувачки информации за купена најсофистицирана опрема за следење на комуникациите која можеби и во овој момент е оперативна.

Силвана Бонева како член на Државната изборна комисија за шест месеци, користејќи ги законските можности, го исцицала државниот буџет за 12.000 евра за патни трошоци или месечно наплатувала 2.000 евра што наводно, со својот автомобил, доаѓала на седниците на ДИК.

Натаму се редат: одбивањето на Основниот суд Скопје 1 да ја изземе судијката Лидија Петровска поради која овој суд и го доби епитетот “Сваровски”; брифингот на Основното јавно обвинителство за случајот Крпач со алибито дека не може да напредува истрагата поради неможноста да го “отклучат” неговиот телефон; хакерскиот напад на СЈО; превирањата во МВР по новите кадровски промени; појавувањето на Сашо Мијалков во суд и конечно, зголемувањето на пензиите за 5%.

Сите овие настани имаат импликации врз општествениот живот и битно е за нив да се дискутира, но дали ние имаме здрава дебата е клучното прашање? Експертската јавност влезе во сенка на квази-експертски врескачи делегирани партиски, најчесто инстант “образовани” за да имаат парче хартија врз кое го крепат својот кредибилитет.

Со тоа, дебатата “успешно” се помести од сферата на рационалното во сферата на ирационалниот популизам. Во име на балансирано известување, тие станаа чести гости во дебатните емисии каде сме сведоци дека во недостиг на аргументи и познавање на факти, со надвикување се обидуваат да ги урнат тезите на соговорникот и квалитетна дебата едноставно не е можна.

На пример, дебатата помеѓу стручниот правник и долгогодишен адвокат Тортевски и професорот по одбрана Оливер Андонов, со сомнителен образовен бекграунд, е еднакво на дискусија помеѓу лекар кој зборува за медицина базирана на докази, наспроти баба Рада за волшебната лековита моќ на билните чаеви.

Опасноста од ваквите дебати, освен релативизација на фактите, е и што на граѓаните не може да им понуди квалитетна информација за општествените случувања врз основа на која тие ќе можат да донесат правилна одлука на денот на изборот за тоа која гарнитура сакаат во нивно име да управува со државниот апарат и заедничките пари.

Наместо тоа, Македонија е претворена во гладијаторска арена каде секој настан предизвикува поделба на граѓаните на навивачки табори, при што фактите и аргументите се потиснати од емоциите и пропагандната реторика.

КВАЗИ-ЕКСПЕРТСКА ЕДИНИЦА

Во таква атмосфера дојде веста за зголемувањето на пензиите за 5 отсто. Таа вест прв ја објави уште пред неколку дена министерот за финансии Кирил Миновски образложувајќи го буџетот, но остана незабележана во јавноста. Потоа стигна предупредувањето од Светска банка дека Пензискиот фонд е доведен во опасност.

Но, откако вчера информацијата за зголемените пензии излезе од устата на Груевски, таа стана конечно вест. Што покажува ова? Прво, дека институциите се мртви и довербата во нив е изгубена. И второ, дека во Македонија е воспоставено своевидно кралство со кое раководи Груевски од позицијата партиски претседател.

Воочлив е молкот на опозицијата за зголемувањето на пензиите, веројатно со калкулација да не го “иритираат” ова гласачко тело. Овие калкулации веројатно имаат допир со актуелната реалност, но немаат со иднината на земјата. Ова зголемување на пензиите нема никаква оправданост во економските показатели.

Дополнително, државниот пензиски фонд е веќе недозволиво зависен од буџетот и таквата ситуација е  неодржлива на долг рок. Ова зголемување на пензиите не се прави со пари кои произлегуваат од растот на Бруто домашниот производ, туку со задолжување и живот на кредит што е дополнително неодржливо на долг рок.

Сегашното зголемување на пензиите значи осиромашување во блиска иднина бидејќи земјата нема кондиција да продолжи со вакво темпо на задолжување, а наметнатите трошоци ќе бараат или зголемување на даноците или кратење кај некои други потреби за сметка на корумпирање на пензионерите како гласачко тело.

Ова секако треба да го соопшти експертската јавност, но огромен е ризикот дека гласот на (разу)умот ќе биде задушен од врескањето на квази-експертската Единица за брзо партиско распоредување по медиумите. А ризиците по економијата од предизборната корупција со помош на зголемени пензии се големи и тоа треба разумот да го спречи.

Така, додека гладијаторската навивачка арена е окупирана со настаните од прислушуваните разговори, Груевски гази врз веќе истапкан терен кон нова криминална победа на изборите.

Овде не мислам дека активностите на СЈО се помалку важни Напротив, тие се суштински за враќање кон нормалното и ангажманот на Катица Јанева и нејзиниот тим испишува светла историја на земјата, но ефектите од нивната работа во сегашната констелација на настани, тешко ќе доведат до сензибилизирање на најголемиот дел од јавноста за криминалите на оваа власт до денот на изборите. Особено ако тие граѓани и натаму имаат лична корист од владеењето на неправото и корупцијата.

Груевски десет години владее со помош на три елементи врз кои се темелат неговите политики: ширење страв преку демонстрација на моќ, корупција (клиентелизам) и пропаганда. Сега е видно ослабен, но се уште ги држи овие лостови на управување. Навистина е голем чекор што не само што остана без извршна државна функција туку ќе седне и на обвинителна клупа. Но, тој настан е закажан за 21 ноември и според досегашната судска практика и прикажаните трикови за одложување на рочишта, сцената како Груевски седнува на обвинителна клупа може и да не се одигра пред 11 декември.

Настаните во Основниот суд Скопје 1 потсетуваат на сцена од серискиот филм “Наркос”, своевиден документарец за најбогатиот криминалец во историјата, Пабло Ескобар. За да ги уништи доказите против него кои се чуваат во депото на судот, организира напад врз судот и го уништува. Агентот што го гони вели: “Во САД мафијата правеше сведоци да исчезнуваат за да не се појават во судот. Во Колумбија, Ескобар направи цел суд да исчезне“. Слично, Груевски направи овој суд како институција која одмерува правда сосема да исчезне, а тоа што се случува таму е само пародија на она што судството треба да претставува.

НЕ ГИ БОЛИ КРИМИНАЛОТ И КОРУПЦИЈАТА!

Натаму, последната анкета на ИРИ (Меѓународниот републикански институт) што важи за една од пообјективните, направена во периодот од 19 до 25 април годинава, покажува дена невработеноста и натаму доминира како главен проблем кој ги окупира граѓаните. На второ место и на ИРИ и во сите останати анкети досега беше сиромаштијата, но на последното мерење, на прашањето “Кои се двата најсериозни проблеми со кои се соочува Македонија, испитаниците одговориле дека тоа се невработеноста (44 %) и политичката криза (38%).

Со тоа, сиромаштијата како проблем се симна на третата позиција (23%). Сепак, не е докрај јасно дали граѓаните кои ја нотирале политичката криза како проблем, практично не се загрижени поради неизвесноста на сопственото работно место добиено по партиска заслуга, а не реална компетенција.

Овој заклучок може да се изведе ако се види дека главната причина за политичката криза, криминалот и корупцијата, не се нотирани како круцијални проблеми. Од анкетираните, само 9 отсто мислат дека криминалот е еден од најголемите проблеми и 8 отсто се определиле за корупцијата.

Оттука, заклучокот е дека сите потези кои се однесуваат на вработување и намалување на сиромаштијата макар на многу кус период, ќе бидат многу повеќе мотивирачки за определувањето на граѓаните кому да го дадат гласот на избори отколку што ќе бидат сензибилизирани од информациите за криминал и корупција.

Практично корупцијата за голем дел од граѓаните и не е проблем бидејќи се дел од тој круг на клиентелистичко-коруптивна спрега што Груевски го создаде за да се одржи на власт.

Затоа опозицијата е погрешно да се “крсти” во ефикасноста на СЈО, а премолчено да одобрува зголемување на пензии, ниту пак реакциите да се сведат на прес-конференции со кои ќе реагира на очигледните опструкции врз СЈО. Се разбира од круцијална помош ќе биде натамошниот силен притисок на меѓународниот фактор за спречување на опструкциите врз СЈО, формирање специјален суд и обезбедување минимум услови за кредибилни избори, особено во финишот.

Слободоумните граѓани остануваат главниот стожер на демократските промени. За два дена се мобилизираа на протест за поддршка на СЈО. Со право и од опозицијата која ќе излезе на изборен мегдан, се очекува слична мобилизација.

Инаку да се мисли дека очигледниот криминал, неправдата и тешките злоупотреби ќе бидат причина за сигурна победа над режимот се нереални. Корумпираните и емотивно приврзаните за режимот секојпат ќе најдат оправдување за злоделата на својот “херој”. Во “Наркос”, Ескобар, обидувајќи се да го елиминира претседателскиот кандидат кој е закана за неговата слобода, урива цел авион. Мајка му со неверување вели “сигурно не ги убил сите тие луѓе“, додека сопругата на Ескобар одговара: “секако дека ги убил, но имал дебела причина за тоа”.

 

Поврзани новости