Се уште се трага по 14-годишната Вања Ѓорчевска, која исчезна вчера наутро, на пат кон основното училиште ,,Песталоци” во Општина Центар во Скопје.
Девојчето последен пат било видено во Дебар Маало, а изминатиот период, токму таму биле забележани повеќе девијантни однесувања.
Поради тие појави, во септември годинава градоначалникот Горан Герасимовски и родители чии деца учат во ОУ ,,Коле Неделковски” договорија потпишување на петиција до ресорните министерства за внатрешни работи, труд и социјална политика и за образование и наука поради загриженоста за безбедноста на децата во реонот.
Имено, кон средината на септември пијан педофил нападна три-годишно дете во Дебар Маало, но навреме бил забележан и запрен од граѓани, а исто така биле регистрирани и повеќе случаи на девијантно однесување на малолетници кои се движеле во групи.
Тогаш од МВР истакнаа дека во следниот период ќе има засилени полициски патроли и присуство на полиција во Дебар Маало, со цел превенција на насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови.
Родители на ученици од ОУ ,,Коле Неделковски”, основно училиште кое е на околу пет минути оддалеченост од местото каде последен пат бил лоциран телефонот на Вања, во периодот кога се најави полициското присуство, кон средина на септември, реагираа дека имало случаи кога деца биле претепани или ограбени на улица и им биле одземени мобилни телефони, но и дека се сомневаат како деца дилаат дрога во споредни улички низ населбата. Исто така, раскажуваа дека некои од децата носеле и ножеви.
-До мене како градоначалник и до општината често стигаат поплаки за нарушувања на јавниот ред и мир, но вистинската адреса за брза реакција е МВР, истакна тогаш градоначалникот Герасимовски.
Во дневните билтени на МВР беа регистрирани повеќе случаи кога во тој дел на градот биле физички нападнати и ограбени деца од страна на неколку лица.
Вики Клинчарова