Собранието на почетокот на февруари се очекува да ја донесе Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси, која денеска од страна на членовите на Комисијата му беше врачена на првиот парламентарец Талат Џафери. Претходно денеска претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска ја презентираше оваа стратегија пред медиумите.
– Претседателот не извести дека ова Собрание ќе ја донесе стратегијата и дека најверојатно ќе биде на почетокот на следниот месец. Битно е дека ќе биде донесена во овој состав, изјави Ивановска по предавањето на Стратегијата и кусата средба на членовите на Антикорупциска со Џафери.
Ивановска верува дека сите парламентарни партии ќе ја поддржат оваа Стратегија и дека таа ќе биде усвоена со консензус.
– Очекувам. Барем од она што го видовме досега во текот на подготвоката на стратегијата, кога беа вклучени претставнции од многу институции, од невладиниот сектор, од медиумите, експерти… го почувствуваме импулсот во општеството дека има подготвеност кај сите чинители во нашиот општествен живот тоа да се случи, изјави претседателката на ДКСК.
Ивановска рече дека Националната стратегија ДКСК ја подготвувала пет месеци и оти со усвојувањето од страна на Собранието нашата држава, како што потенцираше, ќе ја покаже својата спремност и политичка волја да се бори во една широка коалиција заедно со граѓанскиот сектор „против најголемото општествено зло во оваа држава, а тоа е борбата против корупцијата“.
На претставувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата и судирот на интереси, претседатеката на ДКСК кажа дека ризични области во кои најмногу се препознаваат коруптивни однесувања се вработувањата, процесот на јавни набавки, контролната и надзорна улога и донесувањето одлуки. Стратегијата треба да се спроведе од страна на институциите во следните пет години, а целта е подигнување на довербата на граѓаните во системот.