Пред ликвидација е струмичката фирма што доби тендер од „Дрисла“ во „4 очи“ вреден 200 илјади евра!

„Алпима Градба Тим“ на Александар Пиперевалиев, кого опозицијата го доведуваше во роднинска врска со Драги Рашковски, е во фаза на ликвидација, која следува откако, како што пишуваше „Фокус“, друштвото доби вреден тендер за градежна механизација од „Дрисла“ по пат на преговори во време кога беше прогласена вонредна состојба поради корона-кризата.

by Фокус

Струмичката компанија „Алпима Градба Тим“ на Александар Пиперевалиев, кој беше поврзан со повеќе компании за медицинска марихуана, а опозицијата го сместуваше во струмичкото бизнис-лоби на Заеви и го доведуваше во роднинска врска со поранешниот генерален секретар на Владата и обвинет во случајот „Софтвери“ – Драги Рашковски, е во фаза на ликвидација.

Според податоците од Централниот регистар, во текот на минатиот месец е започната и објавена ликвидационата постапка на компанијата, која моментално е во фаза на ажурирање. Постапката ја спроведува управителот во улога на ликвидатор. По завршување на сите правни процедури, се поднесува пријава за бришење на компанијата од трговскиот регистар.

ИТНА НАБАВКА ВО ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Како што своевремено пишуваше „Фокус“, оваа градежна компанија е основана во 2016 година, а во текот на 2020 година склучи договор со скопското Јавно претпријатие „Дрисла“ за изнајмување на градежна механизација во вредност од над 200 илјади евра, но не во отворена постапка, туку по пат на преговори без претходно објавување на оглас.

АРХИВА „Дрисла“ изнајми машини во „четири очи“ од струмички бизнисмен за 200.000 евра

Имено, овој договор беше склучен во време на корона-криза. Поточно, договорот е склучен на 18 март, точно кога беше за прв прогласена вонредна состојба во државата, откако дваесетина дена претходно државните и здравствените власти почнаа да издаваат препораки за спречување на ширење на заразата.

Во тој период, се јави потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи, кои главно беа поврзани со превенција од ширењето на Ковид-19. Тогаш, беа склучени педесетина вакви итни договори, од кои најголем број се однесуваат на набавка на средства и опрема поврзани со корона вирусот.

Арно ама, од сите итни договори највисок беше договорот на  ЈП „Дрисла“ со „Алпима“ за набавка на градежна механизација во времетраење од 3 месеци, кој, патем речено, беше склучен додека јавното претпријатие спроведуваше уште еден тендер за ангажман на приватни машини, но и за санација на сопствениот возен парк.

Пред да го склучи овој договор, ЈП „Дрисла“ добила позитивно мислење од Бирото за јавни набавки, од каде што посочуваат дека договорниот орган има законски основ за спроведување постапка во четири очи, во услови на итност. Бирото истакнува дека издаденото позитивно мислење се однесува исклучиво за постапката, но не за изборот на конкретен економски оператор, односно набавувач.

Од законски аспект, составен дел од отворената постапка е утврдувањето способност, кое се прави со цел да се утврди дали постојат причини за исклучување од тендерската постапка (правосилна судска пресуда за член на управувачки органи, неплатени јавни давачки, стечај), дали се исполнети условите за квалитативен избор (економска и финансиска состојба, техничка и професионална способност), итн.

Наспроти тоа, во постапките со преговори договорниот орган нема обврска да ја утврдува способноста на економските оператори. Во тој поглед, ЈП „Дрисла“ имала безмалку дискреционо право да одлучи кого да повика и со кого да склучи договор.

ПРОМЕНА НА ТЕНДЕРСКИТЕ УСЛОВИ

Според објавениот оглас за паралелната набавка што се спроведуваше во отворена постапка, јавното претпријатие барало механизација до крајот на 2020 година.

Првично, претпријатието барало заинтересираните компании, покрај останатото, да имаат минимален годишен приход од 20 милиони денари годишно во последните 3 години, најмалку 12 редовно вработени со одредени квалификации и други критеруми.

Но, финансиските извештаи на „Алипа Градба“ говорат дека компанијата во 2017 година остварила приходи од 1,8 милиони денари, а во 2018 година 12,3 милиони денари, што значи дека не би се квалификувала за учество во отворената постапка, иако победила во постапката со преговори.

Арно ама, тендерската документација за отворената постапка што истовремено била во тек неколкупати се менувала, така што со една од измените се брише условот за годишен обрт од 20 милиони денари, како и за минималниот број на вработени.

На тој начин, значително се отвора патот и за, условно кажано, помали компании, доколку имаат реализирано барем 3 договори од нискоградба вкупно вредни 20 милиони денари и доколку располагаат барем со 4 булдожери, 2 багери, 8 триосовински или четириосовински камиони, 1 ровокопач…

Сепак, од „Дрисла“ тврдеа дека за секоја постапка, па и за постапката со преговарање се бараат соодветни услови неопходни за квалитетно спроведување и извршување на предметот на јавната набавка.

Во одговорите што ни ги доставија од таму се наведуваше дека за време на претходното раководство на депонијата се работело со изнајмена механизација врз основа на претходно склучен договор со важност до средината на февруари.

Како што посочија, веднаш објавиле отворена постапка за изнајмување градежни машини, но за спроведување на постапката биле потребни најмалку 2 месеца, па затоа за тој период склучиле итен договор во брза постапка.

Од јавното претпријатие додадоа дека имаат обврска да работат континуирано без застој, бидејќи во спротивно ќе се доведат во ситуација да се натрупаат со големи количества отпад, кои на дневна основа изнесуваат 650 тони комунален отпад.

Во рамки на итната постапка, како што нѐ известија од „Дрисла“, на преговори биле повикани 3 компании, при што избраната „Алпима Градба Тим“ доставила најповолна понуда во конкуренција на скопските „Лимитлес ДООЕЛ“ и „Гаминг-Градба“.

Во однос на прашањето според кои критериуми се вршела селекција и избор на компаниите, од јавното претпријатие ни изјавија дека избраната „Алпима Градба Тим“ и претходно работела во депонијата на задоволително ниво.

Освен тоа, како што велат од „Дрисла“, овојпат компанијата понудила за 10 проценти пониска цена во споредба со цената од нивниот претходен договор, кога „Дрисла“ функционираше како јавно-приватно партнерство.

„СТРУМИЧКО ЛОБИ СО РОДНИНСКА СПРЕГА“

Како што е познато, поранешниот градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски, во 2013 година ја даде депонијата на странски концесионер.

Но, по промената на локалната власт на изборите во 2017 година, новиот скопски градоначалник стана Петре Шилегов од СДСМ успеа да ја врати „Дрисла“ во системот на Градот Скопје, а нов директор стана Коста Начевски.

„Механизацијата која се користи на депонијата е подложна на повеќе и поголеми дефекти особено на долниот строј поради екстремните услови во кои работат градежните машини. Сепак, утврдено е дека ако се пристапи кон поправање на сопствената механизација ќе се намалат трошоците и ќе се направи претпријатието да биде порентабилно и поликвидно“, ни изјавија тогаш од ЈП „Дрисла“.

Воедно, од таму посочија дека депонијата располага со челни утоварувачи, булдожери, компактори, багер, ваљак, камиони кипери и автобус, кои имаат големи дефекти.

Поточно, кај возилата „Катерпилар Д6 1“, „Катерпилар Д6 2“ и „- Катерпилар Багер 330Б“ треба поправка на комплетен долен строј, кај „Катерпилар Компактор 816Б“ треба промена на метални тркала итн.

Се очекува комплетната механизација да биде ставена во функција најрано за 6 месеци. Договорот за јавната набавка за изнајмување на градежни машини ќе се реализира согласно потребите на претпријатието, при што ЈП не е обврзана да го искористи целиот износ предвиден со договорот т.е. ќе ги користи изнајмените градежни машини се до ставање во функција на сопствените“, ни посочија од „Дрисла“.

Во меѓувреме, реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде обвинија дека во овој бил случај бил втурнат „синџирот на струмичкото бизнис-лоби со роднинска-тендерска спрега“.

Пиперевалиев е близок со кланот Заеви и е во роднинска спрега со Рашковски. Директорот на ЈП „Дрисла“ е прв братучед на сопругата на Драги Рашковски. Додека во Македонија фирмите пропаѓаат поради кризата, се стимулираат фирми да отпуштаат работници, оваа братучедско-клановска спрега преку Град Скопје во 4 очи си делат тендери над 12 милиони денари – рече тогаш Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Мајка ми нема сестра, одговори Рашковски откако Стоилковски во друга прилика јавно праша дали неговата мајка е сестра со мајката на Пиперевалиев и дали тоа било пресудно фирмата на струмичкиот бизнисмен да фактурира 850.000 евра за 2 години од „Дрисла“?

Досега не сакавме да ја коментираме секоја невистина изнесена од ВМРО-ДПМНЕ во однос на мојата наводна поврзаност со работата на јавното претпријатие „Дрисла“, но не може да останеме и неми на забеганоста на тврдењата за некаква сестринска поврзаност. Кратко и јасно, мојата мајка нема сестра – реагираше Рашквски.

БИЗНИС СО МЕДИЦИНСКА МАРИХУАНА

Според Централниот регистар, „Алпима“ е основана на почетокот на 2016 година од страна на Жан Јанев, кој бил сопственик на друштвото се до почетокот на 2018 година, кога на негово место доаѓа Пиперевалиев.

Моментално, Пиперевалиев е содружник во компанијата за одгледување канабис за медицински цели „Бул-Билдинг“, формирана на средината на 2018 година со седиште во Пробиштип, а подоцна дислоцирана во Струмица, која кон крајот на истата годината доби согласност од владата да занимава со оваа дејност.

Поточно, Пиперевалиев е малцински содружник во друштвото, додека доминантен содружник е бугарската компанија „Минстрој“, која пред неколку години ги зеде под концесија рудниците Злетово и Тораница, а неодамна неуспешно се обиде да влезе и во Фени Индустри.

Порано, друштвото имаше и трет партнер – Горан Крстев, кој актуелната опозиција долги години наназад го споменува како близок соработник и бизнис-партнер на семејството на лидерот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев.

Своевремено, оваа компанија имаше и четврти партнер. Станува збор за Србинот Предраг Колувија, сопственик на компанијата за органска храна „Јовањица“, кој не бил меѓу иницијалните основачи на друштвото, туку пристапил во март 2019 година.

Половина година подоцна, тој беше уапсен откако полицијата упаднала во неговиот имот во Стара Пазова за одгледување на органска храна. Како што јавија српските медиуми, под пластениците биле пронајдени и запленети 4 тони сирова марихуана и уште 650 килограми спремна за продажба.

Што се однесува до Пиперевалиев, тој своевремено беше дел и од уште две компании за медицинска марихуана – „Микеси“ од Зелениково и „Т.Х.Ц. Куалити Груоп“ од Скопје. Но, историјатите на двете компании покажуваат дека тој излегол од нивната сопственичка структура.

Влатко Стојановски

Поврзани новости