Здружението за културни и уметнички дејности Џој Фест од Крива Паланка, за музичкиот фестивал Џој Фест 2024 доби 1.200.000 денари од Министерството за култура.
Сумата од околу нешто помалку од 20.000 евра доаѓа за прифатен проект на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во културата од музичката и музичко-сценската дејност за 2024 година.
Пред две години здружението се најде во центарот на вниманието на јавноста, откако му беа одобрени 153.000 денари, буџетски средства за организација на популарниот фестивал во Крива Паланка, во склоп на Кривопаланечко културно лето, кој се одржува секоја година кон крајот на август. Средствата за здружението беа стопирани, откако во јавност се дозна дека музички гостин на фестивалот ќе биде српскиот турбо фолк пејач Аца Лукас. Како што информираа тогаш од Министерството за култура, организаторот во апликацијата не навел дека турбо фолк пејач ќе гостува на настанот.
-Организаторите на фестивалот годинава добија 153.000 денари од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година. Но, поради непочитување на критериумите и вметнување на турбо-фолк пејач во програмата, тие нема да ги добијат овие средства, соопштија во 2022 година од Министерството за култура.
Но, и покрај тоа што останаа без буџетските средства, организаторите го донесоа Лукас во Крива Паланка, а настанот привлече огромен број на посетители од целата земја.
Наредната година, односно за 2023 година, Џој Фест повторно доби 153.000 денари буџетски средства за организација на настанот. Главна мзуичка ѕвезда на тогашното издание беше Здравко Чолиќ.
За фестивалот кој ќе се одржи годинава, средствата од Министерството за култура за здружението се неколкупати дуплирани и одобрени се дури 1.200.000 денари, односно повеќе од 19.500 евра.
Околу тоа кои музички ѕвезди ќе настапат на популарната манифестација во Крива Паланка, се уште нема официјални информации за јавност.
Вики Клинчарова