Тоше Проески и Гоца Тржан оставија белег на музичката сцена во 2001 година, кога нивниот дует ,,1.200 милји”, кој беше снимен на македонски и на српски јазик, го освои регионот и беше прогласен за хит на летото таа година.
И покрај популарноста на песната, пејачите немаа многу заеднички појавувања на сцената, а јавноста се сеќава на прославата по повод 100 години од Илинденското востание, во 2003 година, кога Тржан му гостуваше на Проески и заедно пред многубројната публика ја отпеаја песната.
Нивниот дует се уште се врти на радио станиците и е дел од репертоарот на многу регионални музичари, а Тржан по две децении повторно доаѓа во Македонија.
Таа ќе настапи на Интернационалната вечер на фестивалот ,,Охридски трубадури”, во дует со младиот Стефан Здравковиќ, познат како Принц од Врање со песната ,,Мирно” која ја потпишуваат авторите Душан Бачиќ и Дејан Николиќ.
За дуетот со Тоше, кој и на двајцата во тој период им донесе огромна регионална популарност, Тржан вели дека е легендарен хит кој ги одбележал нивните кариери.
Ова ќе биде нејзино второ гостување на ,,Охридски трубадури” по долга пауза, откако за првпат настапила на фестивалот во деведесеттите години.
– Уште од многу одамна Охрид ми остана во срцето, но немав прилика често да го посетувам. Ама ете, кога слушнав дека постои можност, веднаш се одлучив да дојдам.
Инаку, ја обожавам Македонија, уживање ми е дружење со колеги на фестивали, и едвај чекам „Мирно“ да ја претставиме на македонската публика. Потоа, во план ни е серија концерти низ Македонија, и искрено се надевам дека настапот на „Охрид фест“ само ќе ја зајакне мојата љубов со Македонија-вели пејачката.
Додава дека Македонците се музикален народ и верувала дека песната ќе им се допадне, па порача дека наскоро ќе се дружи со македонската публика на концерти.