Контроверзниот црногорски бизнисмен Миодраг Давидовиќ – Дака, кој стана актуелен во земјава главно со купувањето на тетовски ШИК „Јелак“, каде се предвидуваше да никне „урбана џунгла“, се најде на новата „црна листа“ на САД, проширена со нови имиња од Балканот поради корупција и активности во корист на Русија, а на штета на нивните матични држави.
Преку 3 суспензии до нов ДУП за ШИК „Јелак“: Колку квадрати покус ќе остане контроверзниот Дака?
–Русија продолжи да го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на регионот во меѓународните институции и организации и да ги користи клучните јурисдикции за да ги олесни своите агресивни дестабилизирачки активности – рече потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на Министерството за финансии Брајан Нелсон.
Во одлуката за Давидовиќ – Дака се наведува дека тој со децении перел пари за криминални синдикати, зајакнувајќи го своето влијание и вршејќи го својот криминален потфат на шверц со цигари, нафта и оружје во Црна Гора. Воедно, се потенцираат и неговите контакти и релации со поранешниот македонски премиер Зоран Заев и поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.
„Тој беше вмешан и во скандалот што доведе до апсење на Рашковски, главен советник на Заев“, стои во одлуката на американското Министерство за финансии, во која уште се додава дека Рашковски наводно примил поткуп од Давидовиќ за да има средба со Заев, со цел да ги унапреди бнеговите бизнис-интереси.
Кој е црногорскиот бизнисмен што сакаше да гради „урбана џунгла“ во Тетово?
За потсетување, Дака стана актуелен во земјава по објавувањето на разговорот со Зоран Милески-Кичеец на средината на 2020 година. Двајцата ги запознал угледен белградски бизнисмен кон крајот на 2016 година, кога Дака одлучил да го ангажира Кичеец како посредник во деловни зафати во земјава, бидејќи, според зборовите на Дака, Кичеец му бил препорачан како „сериозен деловен човек од Македонија“.
Арно ама, Дака потоа јавно се пожали дека Кичеец не успеал да му заврши никаква работа. Единствено што сторил Кичеец, посочи Дака, е што му организирал состанок со Заев, пред кого ги изложил неговите планови во врска со изградба на мини хидроелектрана и паркови на енергија на ветер на локација во Штип. Потоа, Заев го препратил кај тогашниот владин генсек Рашковски…
Во разговорот што беше објавен на интернет меѓу Дака и Кичеец, се споменуваат 300.000 евра и 2.000 квадратни метри што бизнисменот требало да ги даде за реализација одредени бинис-интереси земјава. Во реакцијата по повод објавената „бомба“, Дака објаснува дека парите ги дал за ангажманот на Кичеец, а не за подмитување. Сепак, тој ништо не кажа за квадратите, ниту, пак, ги појасни плановите за другите акивности што ги споменува во снимениот разговор.
Иако тоа го нема во транскриптот објавен заедно со снимката, сепак, јасно се слуша како Дака пред Кичеец го споменува и АД Шумарско-индустрискиот комбинат „Јелак“ во Тетово. Според официјалните податоци, ШИК „Јелак“ е избришан со одлука на тетовскиот суд на почетокот на 2018 година по заклучена стечајна постапка. На почетокот на 2019 година, Владата донела одлука за давање согласност со продажба.
Патем, согласноста се дава за продажба на деловни простории во сопственост на Фондот за здравство по цена од 27 милиони денари, во сопственост на Агенцијата за вработување по цена од 1,7 милиони денари и во сопственост на ЈП Македонски шуми по цена од 53 илјади денари. Оваа согласност се однесува на продажба на имот на останатите сопственици, меѓу кои спаѓа и „Јелак-Градба“.
Како што пишуваше „Фокус“, на продажба биле ставени идеални делови од вкупна површина од 17.335 квадрани метри на катастарска парцела 3039 во Катастарска општина Тетово со имотен лист број 102979. Според податоци од Катастарот на недвижности, „Јелак-Градба“ на Дака стекнал најголема површина од овој простор од скоро 5.968 квадратни метри. Остатокот, пак, го поседуваа УЈП, ФЗО, ПИОМ.
„И јас да дознаам пред недела дена од (Драги) Рашковски, дека сега треба да вршат процена на ШИК Јелак“ после три години. Не ме зафркавај Зоране (Милески). Ме прашуваш зошто сум лут? После 3 години, кога беше ти, Здравко и Перовски, ми ветивте за 7 дена ќе ми кажеше колку чини остатокот од ШИК „Јелак“, дали е така? Точно или не е точно? Дали ми ветивте?“, го прашува Дака Кичеец, како што може да се чуе во објавената снимка.
Исто така, тогаш пишувавме дека Дака се поврзува со две компании во земјава, од кои една, според Централниот регистар, е „Јелак Градба“ формирана во 2016 година со седиште во Тетово од страна од панамската „Адастра Груп“. Само ден по формирањето на старо-новата влада на СДСМ и ДУИ, пак, во Општина Тетово беше усвоен ДУП-от кој предвидува изградба на 27 станбени згради високи до 7 ката и четири големи трговски единици на имотот на „Шик Јелак“.
–Сопственоста на дотичниот господин (Давидовиќ) во „Шик Јелак“ е остварена 2014 – 2015 година и слично. Урбанистичкиот план е вратен 3-4 пати како што се и другите со сите забелешки од страна на Министерството за транспорт и врски и на крајот на февруари оваа година е дадена согласноста за урбанистичкиот план. И на крајот на денот, Тетово нека се гради, нека се шири во периферијата, аман, доста е со центарот на градот – рече тогаш Заев.
Наспроти тоа, опозицијата реагираше дека симптоматично е тоа што Министерството за транспорт и врски за само 7 дена дало согласност за ДУП-от со кој се предвидува, како што истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, урбана џунгла во Тетово од 230.000 метри квадратни. Според него, со овој план му овозможува на инеститорот заработка од 200 милиони евра.
–Дака е контроверзен црногорски бизнисмен и еден од главните финансиери на политичките и општествени структури на Балканот што работат против евроатланската интеграција на целокупниот регион, вклучително и Македонија. Целата негова бизнис кариера е поврзана со соработка со структури кои му овозможуваат добри профити кои потоа ги инвестира во подривање на аспирациите на земјите на Балканот за интеграција во НАТО и ЕУ“ – обвини Николоски.
Инаку, Давидовиќ е црногорски државјанин, но важи за истакнат претставник на српската етничка заедница. Како што пишуваат локалните медиуми, тој бил началник на државна безбедност во Никшиќ, но по југословенската граѓанска војна преминува во претприемничко-политичките води. За време на 1997 година, бил уапсен за наводна проневера во трговијата со Тутунскиот комбинат, меѓутоа судење не се одржа, бидејќи Момир Булатовиќ го аболицира во последните денови од неговиот претседателски мандат.
По неколкугодишна пасивност, Дака во 2003 година ја презема „Железарницата“ во Никшиќ, но подоцна се повлекува и преку неговата „Нексан“ се сврти кон трговијата со нафтени деривати, градежништвото, производството на алкохолни пијалоци. Во 2012 година, Давидовиќ се пресели во Белград и живее во хотелот „Краун Плаза“, каде на крајот на 2019 година беше ранет, по што го обвини српскиот претседател Александар Вучиќ дека е налогодавач.
За блискоста со српската црква во Црна Гора, говори фактот што покојниот митрополит Амфилохие му го додели Орденот на Светиот крал Милутин во 2015 година, додека воедно бил главен финансиер на обновата на манастирот Острог. Во екот на аферата „државен удар“ во Црна Гора, пак, Давидовиќ беше означен како финансиер на Демократскиот фронт. Сепак, тој ги негираше обвинувањата.
Од неодамна, тој делува во политиката преку конзервативното и проруско движење „Народни покрет“, кое учествуваше на локалните избори во Ниќшиќ и успеа да влезе во локалниот совет. Првата работа што ја кажа Дака при основањето на партијата е дека ќе се залага за Законот за слобода на вероисповед, кој всушност ја натера српската црква да заземе поактивна улога во политичкиот живот на Црна Гора, што резултираше и со првите политички промени во оваа држава.
Влатко СТОЈАНОВСКИ