Пред да побара азил, на 16 октомври поранешниот премиер Никола Груевски им пишал на челниците од Европската Унија. објави ТВ Алфа. Тој во писмото се жали на политички прогон во случајот „Тенк“ и побарал фер судење од меѓународни судии.
Осудениот екс премиер писмото го испратил до еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, еврокомесарката за надворешна политика Федерика Могерини, комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ и претседателот на Европската народна партија Жозеф Дол.
Груевски бара меѓународни судии да извршат проверка на судските процеси и смета дека затворската казна му е изречена за целосно бесмислен и фабрикуван предмет. Груевски понатаму бара ЕУ или друга европска институција да ангажираат неколку врвни докажани судии од некоја од напредните земји-членки на ЕУ, кои ќе ги проучат предметите, доказите и на обвинителството и на одбраната, а би извршиле разговор и со обвинетите.
„Да присуствуваат на неколку рочишта и на крајот да одговорат – дали во нивните држави тие предмети, со такви докази, тие обвиненија би поминале или би биле отфрлени од судот и зошто. Тоа мислење се разбира нема да ја смени одлуката на локалниот суд, но ќе одговори на прашањето поврзано со политичкиот прогон во Македонија“, пишува Груевски
Ако овој предлог не е прифатлив, Груевски побарал Унијата да испрати мисија во Македонија.
„Оваа мисија ќе ги утврди фактите, повторно составена од професионални и политички независни судии од кривичната област… Секоја изјава во правец дека не смее никој да се прогласи за виновен доколку не постојат цврсти законски прибавени докази што би биле од корист за судиите и јавноста во Република Македонија. Секој повик во правец на напуштање на практикување на правото во функција на водење политика би бил значаен“, пишува Груевски.