Пред битолската болница се одржа трет по ред протест на граѓани по смртта на шестгодишната Јана. За време на протестот ечеше сирена, која, како што рекоа организаторите, треба да алармира за лошата состојба во која се наоѓа болницата. Битолчани преку протест го изразија незадоволството што немаат, како што велат, соодветна здравствена заштита.
-Недозволиво е во 21 век и толку напредна медицина да ни заминуваат на ваков начин нашите најмили. Со едноминутно молчење сакаме да одадеме почит за прераната смрт на нашата Јаничка и на сите дечиња кои ја доживеале нејзината судбина воопшто – рече Игор Петковски, кум на Јана.
Битолчани овој пат освен за Јана протестираа и за новороденчето кое почина пред три дена. Неговата мајка била пуштена дома, без надзор, откако и била дадена таблета за провоцирање на породувањето. Кога се вратила, животот на бебето веќе бил загрозен.
Незадоволството на битолчани не стивна по оставката на директорот, Александар Обедниковски. Тие бараат расчистување на случаите и подобрување на условите во болницата.
ФОТО: Тера