Во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, сите 230 училници ќе бидат опремени со пречистувачи на воздух, со што ги потврдуваме нашите цврсти заложби за заштита на здравјето на идните генерации, како и создавање на здрави еколошки навики кај нив, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
„Овој процес го започнавме летово со поставување на пречистувачи во ООУ ,,Невена Георгиева Дуња”, денеска ги поставуваме во ПОУ ,,Кузман Јосифовски Питу”, а во наредниот период, сите училници во сите основни училишта во општина Кисела Вода, ќе добијат пречистувачи на воздух.
Свесни сме за проблемот со загадувањето на воздухот, особено во зимскиот период, кога концентрацијата на штетни честички е на екстремно високо ниво. Пречистувачите на воздух ќе помогнат во значително намалување на штетните честички во просториите каде што децата поминуваат голем дел од своето време.
Со ова, ние осигуруваме дека тие учат и растат во средина која е безбедна и здрава, што е основа за нивниот целокупен развој. Наша должност е да ги заштитиме најмладите и да создадеме услови во кои ќе можат безгрижно да учат и се развиваат“ изјави Ѓорѓиевски.