По промените на локалните избори, локалната власт предводена од СДСМ има план уште во првата година да ја реализира пречистителната станица и фекална канализација во Јурумлери, изјави претседателот на ОО СДСМ Гази Баба, Борче Георгиевски, кој е и кандидат за градоначалник на оваа општина.
Тој денеска одржа прес конференција во близина на локацијата каде актуелното раководство на Општината најавуваше изградба на пречестителна станица за фекална канализација.
-Продолжената рака на Никола Груевски, Тони Трајковски ги излажа граѓаните. Овде нема ниту пречистителна станица ниту метар изградено фекална канализација. Недозволиво е во 21-от век жителите на Јурумлери и на околните села да немаат елементарни услови за живот и да живеаат со септички јами кои ја загрозуваат природата, но и здравјето на граѓаните – изјави Георгиевски.
Покрај ветената пречистителна станица и фекална канализација, рече тој, нерелизирано е и ветувањето за изградба на клучката на регионалниот пат од Јурумлери кон Илинден.
-На жителите од Јурумлери лажно од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Трајковски им беше ветувано чистење и одржување на каналите, но ништо од тоа, после секој пороен дожд овие наши сограѓани се со поплавени подруми и домови. Граѓаните на Јурумлери, граѓаните на општина Гази Баба не заслужуваат ваков однос од градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Трајковски. За решавање на проблемите во Гази Баба потребни се промени на локалната власт – додаде тој.