Пречекот на претседателката на Косово, Вјоса Османи, пред неколку дена во Тетово предизвика тензии меѓу ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, кои соработуваат во општинскиот совет.
Советниците на ВМРО го обвинија првиот човек на општината Биљал Касами дека го прекршил Уставот со непочитување на македонскиот јазик на билбордите со кои ја пречека Османи.
-Не треба да се заборави дека Тетово е град во Македонија, во која живеат Македонци и други етникуми и не треба да се заборави фактот дека како на цела територија така и во Тетово официјален јазик е македонскиот. Почитуван градоначаник, Македонците во Тетово бараат достојно спроведување на Рамковниот договор. Тие гласаа за вас и ви ја додоа довербата на локалните избори со чија помош победивте, Македонците се надеваат дека ќе бидете градоначалник на сите граѓани – изјави Ангел Карапетров, советник од ВМРО- ДПМНЕ во Советот на Општина Тетово
Првиот човек на Советот, Бесар Дурмиши, пак, реакцијата на ВМРО ја оцени како низок удар за дневна политика.
-Од почит кон неа (Османи), таа е пречекана со билборди на кои и посакавме добредојде на албански јазик оти е Албанка, да дојде некој од Германија ќе му посакаме добредојде на германски јазик – рече Дурмиши, додавајќи дека општината не само декларативно туку во пракса многу пати докажала почит кон сите етникуми кои живеат во Тетово.
Младите од ВМРО-ДПМНЕ во Тетово пред еден ден на влезот од градот поставија натписи „Тетово е срцето на Македонија“, во знак на протест против билбордите само на албански јазик.