Пребројувањето на гласовите во Џорџија ја потврди победата на Бајден

by Fokus

Американските медиуми утрово го прогласија Бајден за победник над републиканецот и актуелен претседател Доналд Трамп, откако властите на Џорџија  ги објавија резултатите од пребројувањето на гласовите, кои ја потврдија малата предност на кандидатот на Демократската партија, но му донесоа 16 електорски гласа, со што тој стигна до 306, наспроти Трамп кој има 232 гласа во Изборниот колеџ.

Властите во Џорџија наредија пребројување бидејќи разликата помеѓу двајцата кандидати при првата проекција беше помала од 0,5 проценти – по првото пребројување, Бајден имаше околу 14 000 гласа повеќе од Трамп, а денеска беше објавено дека таа предност е околу 12 000 гласови, од пет милиони гласачи колку што гласале.

Ова е прва победа на еден демократски кандидат од 1992 година во оваа сојузна држава, кога Бил Клинтон доби повеќе гласови од тогашниот претседател Џорџ В. Буш.

Водечките американски медиуми го прогласија Бајден за победник уште на денот на изборите на 3 ноември, откако ја проектираа неговата победа во 23 сојузни држави и областа Колумбија, врз основа на што тој „собра“ 284 од 538 изборни гласови.

Медиумите подоцна ја прогласија победата на Бајден и во Невада, која носи шест гласачи.

За да победи на изборите, кандидатот треба да освои најмалку 270 од 538 гласачи.

Победата на Бајден најмногу се должи благодарение на освојувањето на Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, три традиционално демократски држави кои исто така одлучуваа за изборите во 2016 година, кога Трамп ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон со помалку од еден процент во секоја од нив.

Покрај тие три држави, оваа година само уште две, Аризона и Џорџија, гласаа поинаку отколку на последните избори. И во обете, според проекцијата на водечките медиуми, победи Бајден.

Од досега пребројаните гласови, Бајден доби 79,7 милиони, а Трамп 73,7 милиони. И двајцата добија повеќе гласови од сите претходни претседателски кандидати.

Трамп уште од изборната вечер ги обвинува демократите за кражба на избори, но тој не дава докази за тоа и се обидува да ги оспори резултатите пред федералните судови. Тој најави дека, доколку е потребно, ќе го вклучи и Врховниот суд на САД.

Покрај тоа, Трамп и неговите сојузници прават други, невообичаени потези за Соединетите држави, со цел да ја оспорат победата на Бајден – како повици од Белата куќа до пратеници, телефонски јавувања до претставници на локалните избори во Мичиген и притисок врз претставниците во Аризона да го одложат потврдувањето на резултатите, пренесуваат медиумите.

Доколку се потврди победата на Бајден, тој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари.

Гласачите во Џорџија го имаат клучот и контролата над американскиот Сенат, во кој секоја од 50-те сојузни држави има по двајца претставници.

Покрај претседателот и сите 435 членови на Претставничкиот дом, американските граѓани избраа 35 од 100 сенатори на 3 ноември. Една третина од членовите на Сенатот, во кои републиканците досега имаа тесно мнозинство, се избираат на секои две години, а мандатот на сенаторот трае шест години.

Џорџија ги избира и двајцата сенатори во овој изборен циклус. Републиканците во моментов имаат 50, а демократите 48 од 100 сенатори.

Кој ќе има мнозинство во горниот дом на Конгресот на САД, ќе одлучат гласачите на Џорџија во вториот круг од изборите за Сенатот, закажан за 5 јануари.

За да го контролираат Сенатот, на републиканците им е потребна победа на еден од тие два дуела, а на демократите и во двата дуела. Доколку демократите ги освојат и двете сенаторски места во Џорџија, рамнотежата на силите би била 50 спрема 50, во тој случај ќе одлучи гласот на претседателот на Сенатот, кој е потпретседател на Соединетите држави.

Благодарение на победата на Бајден, потпретседател на САД ќе биде сенаторот на демократите, Камала Харис, кој ќе претседава со Сенатот од 20 јануари.

Поврзани новости