Во главниот центар за броење гласови во сараевската сала „Зетра“ почна новото пребројување на гласачките ливчиња за функцијата претседател на ентитетот Република Српска, пишува босанскиот портал Кликс.ба.
Претседателот на Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина Суад Арнаутовиќ ги отфрли обвинувањата дека Комисијата донела незаконска одлука за пребројување на гласовите за тоа изборно ниво, додавајќи оти не ги интересира изборниот резултат, туку нерегуларностите на изборите.
-Овде нема политика или незаконски дејствија, ние ги следиме изборите согласно законот, имаме индиции и сознанија за палење на гласачки ливчиња, означување на гласачки ливчиња, неправилно пакување на изборниот материјал, неискористени ливчиња и затоа ќе направиме јавно пребројување овде – рече Арнаутовиќ.
Директорот на Главниот центар за броење, Горан Мишковиќ, изјави дека прво ќе се пребројат избирачките единици Бања Лука и Бјелина, а потоа ќе се пребројат гласовите од Добој.
Тој рече дека гласовите ќе се пребројуваат во три смени, но дека е неблагодарно да се прогнозира кога ќе заврши овој процес.