,,Прдежи”!

by fokus

Коментарот е објавен во неделникот ,,Фокус”, во број 1463, на 18 октомври 2023 година.

Пишува: Валентина ВУРМО

Во петок, речиси во секое просечно семејство, порано се јадеше грав. Потоа традицијата се помести за в недела, откако беше воведена евтината струја. Подобро да крчка три часа во недела, отколку по скапа тарифа да се вари во петок.

Од неодамна, пак, сѐ поретко се вари грав. Како и на сѐ друго, скокна и неговата вредност, а и кромидот, како придружен зарзават, не заостанува со цената. Да сечеш и да плачеш, толку чини!

Но, оваа мака ја немаат владините функционери. Цената на нивното гравче е замрзната, па си сркаат за 35 денари во владиното бифе, и тоа тавче-гравче. А ако решат да се омрсат, ќе си платата 150 денари за грав со сланина.

На менито од владиното бифе, кое низ годините постојано осамнува во јавноста, за да се увери народот дека функционерите добро ни се хранат, сега потсети портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Народот јадел сува корка леб, а министрите мрселе и на празник, и на делник, по багателни цени.

И така е. Од збор до збор. Но, слична е трпезата и во Собранието. И таму менито замрзна, па и пратениците се гоштеваат за џабе. И оние од власта, но и сопартијците на Стоилковски. Или, како што вели народната, сложни попови и во петок мрсат. Јадат ем евтино, ем квалитетно.

Дали во фотелјата седел Мурто или Курто, софрата е иста.

Па, тие и кога се во болница не ја јадат помијата што им се сервира на обичните смртници. Си имаат да платат приватно лекување, и бујрум, си добиваат хотелска храна.

Или немој децата им седат по студентски домови за да се грижат каква храна добиваат. Или, пак, да му ја мислат за менито во затворите. И овој проблем неодамна си го решија. Нив закон не ги „фаќа“, па затоа и нема да завршат зад решетки.

И што, да не сакате Груевски да ви се врати?!

Па, како тргнала работава, и ќе си дојде. Битиќи го повика да се помират, а и на Османи по 5 години му текна дека најдобро ќе било да се врати за да не тргува со државни сензитивни информации.

Се чини само на претседателот Стево Пендаровски не му се верува дека Леси ќе се врати дома, зајадливо прашувајќи „Каде е Груевски, јас не го гледам“?!

Но, неговата перцепција е поинаква поради обидот да си ја ишне мувата од капата, амнестирајќи се себеси од вина за тоа што го потпиша указот на скандалозната измена на Кривичниот законик!

Ни помалку, ни повеќе, ги обвини медиумите дека лажеле кога тврделе дека тој со потписот овозможил скриена амнестија за поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ.

Никој не ни очекуваше признание од претседателот дека бил притиснат во ќош да учествува во ујдурмата, почната од Владата, довршена во Собранието, а запечатена од него. Но, уште помалку се очекуваше и ваква одбрана.

Точно е дека Груевски сѐ уште не е вратен, можеби и никогаш нема да се врати, но точно е дека и нему и на неговите некогашни соработници од плеќи им симнавте неколку судски случаи.

И точно е дека сте одбиле директна амнестија на бегалецот, која му е неопходна за случајот „Плацови на Водно“, бидејќи уште само тој предмет му остана. Затоа и сѐ уште не се враќа, се бара чаре да му се избришат 9-те години затвор што треба да ги одлежи.

И точно е дека не го амнестиравте за „Тенк“. Таму веќе му немаше спас, но затоа сојузник му е времето, па в година му застарува извршувањето на казната. За тоа си е сам заслужен, бидејќи навреме избега.

Но, претседателот, за изненадување, очигледно внесен во својата одбрана, морално го амнестираше Груевски за овој предмет, бидејќи, според кажаното, и сега сме развозувале високи политичари во луксузниот мерцедес. И каде е тука гревот?

Но, не е првпат да се шири тезата дека немало криминал во „Тенк“, бидејќи никако да се разбере дека СЈО не ја оспоруваше потребата од вакво возило и негова набавка, туку начинот на кој било набавено!

Беше прекршена постапката за јавни набавки со фаворизирање компанија, или, просто кажано, тендерот бил наместен. А за местење тендери се одговара, иако во моментов не, бидејќи го избришаа овој став од законот!

Но, да се вратиме на гравот. На народот му е подобро и без него, кој само му го дуе стомакот со гасови. Зар не ги слушате „прдежите“ од политичарите? Резервираат маса во ЕУ, а на трпеза ни го сервираат Груевски.

Добар апетит! За ова треба здрав стомак за да се издржи!

Поврзани новости