Од лозарското здружените „Лозаро-овоштари“ најавуваат протест и блокада на регионалниот пат Неготино – Кавадрци, во близина на месноста „Ило Виларов“ во среда, на 11-ти Октомври, на Денот на востанието на Македонија, со почеток од 10 часот.
Како што појаснуваат за „Фокус“ претставниците на здружението, со земјоделска механизација ќе биде затворен патот, и ќе се пропуштаат само итните случаи, додека сите други возила ќе треба да го користат патот преку Росоман, и тоа на неограничено време, односно додека трае протестот.
-Се додека не дојде миниестерот за земјоделство Љупчо Николовски и додека не не сослуша и не изнајдеме решение, ние нема да се тргнеме. Протестот е најавен кај надлежните органи, нема враќање назад.
Она кое го бараме е лозарите да добијат по пет денари за секој предаден килограм грозје, субвенциите од 48.000 денари по хектар кои беа намалени на 40.000 денари по хектар да се вратат по старо, и водарината да остане по иста цена. Имаме сознанија дека ќе следи огромно поскапување на водата за наводнување, односно од 70 до 200 проценти, во зависност од тоа каде се наоѓа насадот.
Имавме многу тешка година поради лошите временски услови, родот е преполовен, ако не се прифатат нашите барања ние сите сме во загуба и не гледаме причина да продолжиме со одгледување на винова лоза – велат претставници на здружението.
Појаснуваат дека најзастапената сорта на грозје, смедеревката, лани се откупувала по цена од 12,5 денари и плус добиле владина помош од два денари по килограм. Годинава, цената на смедеревката била 14 денари, без дополнителна владина помош, што значи, пониска откупна цена од минатата година.
Цената на вранецот била 17 денари, за денар повисока од ланската, и според лозарите, со тие цени не можат ниту да ги платат препаратите за заштита на лозата, а не пак да очекуваат да имаат заработка.
-Во регионот килограм грозје стигна до евро, евроиполовина, кај нас не можеме да дојдеме ниту до половина евро. Имаме инфлација, се е поскапено, родот намален, многумина од нас останаа во долгови и не можат да си покријат трошоците.
Оваа година е една од најлошите во лозарството, потребна е државна помош за лозарите – тврдат.
Порачаа дека се додека не дојде министерот Николовски лично да се сретне со нив, тие нема да ја тргнат механизацијата од патот. Велат дека се очекува голема излезеност на протестот на лозари од Кавадарци и Неготино, бидејќи биле уморни да бидат оставени на маргините и да не им се цени трудот.
Потсетуваат на квалитетните вина кои се гордост на Македонија, но и дека не може да се добие добро вино ако се дозволи лозарството да замре.
Вики Клинчарова