Општествено одговорни компании од Кавадарци организираат празничен ручек на градскиот плоштад во Кавадарци, кој ќе се случува од девет до 14 часот, во четврток.
Сите граѓани, кои сакаат да се дружат на празничната трпеза, да ги поминат празниците во заедништво и во весела атмосфера, се добредојдени на настанот.
Целта на истиот е да се пренесе пораката дека за време на Бадник и Божиќ, кога семејствата се собираат на домашната трпеза, не треба да се заборават оние кои се сами за празниците, кои немаат семејство, или пак не можат да си дозволат полна трпеза.
За празничната гозба во градот задолжени се десеттина врвни готвачи од повеќе градови, кои ќе приготват разни кулинарски специјалитети.
Идеjата за празничната трпеза била на Горан Филипов, професионален готвач од ресторанот Моклиште, а приватни фирми од Кавадарци без двоумење ја прифатиле и се вклучиле со свои донации.
Слога Пром Кавадарци, Грација Пром, Маркет Лутка, Ресторан Моклиште, Кожувчанка, Фаст фуд Мерлин, Пиљара и продавница за здрава храна Аце Пром, и Левидиагро Кочани се дел од компаниите кои го поддржаа настанот.
-Верувам дека празничниот ручек на плоштад ќе стане традиција во Кавадарци. И јас ќе бидам таму, со моите сограѓани, на една убава дружба по повод големите христијански празници. Никој не смее да биде сам, никој не заслужува да биде изоставен, Кавадарци бил и останува град на солидарноста – ни изјави градоначалникот Митко Јанчев.
Вики Клинчарова