Ова е пекол, незамисливо, како во најлош филм. Речиси до вчера центарот на градот беше полн, сега улиците се празни. Никој не веруваше дека вакво нешто може да случи во 2022 година, за ,,Вечерњи лист” раскажува Хрватот Денис Иванчиќ, кој околу три години живеел во Ивано Франкивск, град во западна Украина, во близина на границата со Полска.
Вчера во тој град руските проектили од територијата на Белорусија го уништиле аеродромот и цел ден се слушале детонации.
Како што појаснува Денис, денес на улиците имало војска која ги легитимирала минувачите.
-Утрово не работеше ниту една продавница, но по неколку часа некои од продавниците отворија. Но, рафтовите се речиси празни. Вчера луѓето купуваа залихи, обезбедија гориво и побегнаа во Полска или пак во средна Украина, каде повеќето имаат викендици.
Во градот владее паника. Се слуша плач, крикови и детонации… Не заминав вчера, бидејќи сметам дека ако тргнам, би се изложил на поголем ризик. Мислам дека Русите нема повеќе да гарантираат за западниот дел на Украина, а ако седнам сега во автомобил, ќе ми требаат денови додека да стигнам до границата, бидејќи има голема гужва и низа на опасности по патиштата-вели тој.
Додава дека во тек е општа мобилизација на сите полнолетни мажи до 60 години, а за само 24 часа, градот го напуштило околу половина од населението.
Вики Клинчарова