Правото на абортус да биде уставно загарантирано право, предложи Макрон

by Fokus

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека го поддржува внесувањето на правото на абортус во францускиот Устав, додавајќи дека тоа ќе покаже солидарност со жените ширум светот. Макрон ова го изјави на Меѓународниот ден на жената, на церемонијата во чест на француската феминистка и адвокатка, родена во Тунис, Жизел Халима, која почина во 2020 година на 93-годишна возраст. Халима беше жесток поддржувач на правото на абортус.

-Се надевам дека силата на оваа порака ќе ни помогне да го промениме нашиот Устав и во него да ја внесеме слободата на жените да бараат абортус, така што тоа да биде неповратно, рече Макрон.

Тоа, додаде тој, „ќе испрати универзална порака за солидарност до сите жени чија слобода е погазена денеска“.
Врховниот суд на САД минатиот јуни ја поништи пресудата Роу против Вејд од 1973 година, со која се легализираше абортусот низ САД, а сега треба да одлучат федералните држави. Двата дома на францускиот Парламент веќе гласаа за вклучување на правото на абортус во Уставот, при што Сенатот изјави дека станува збор за „слобода“, а собранието за „правото“ на абортус.

Макрон кажа дека предлог-законот за промена на Уставот ќе биде поднесен до парламентот во наредните месеци.

МИА

Поврзани новости