Правосудство по лидерско-партиски вкус

by Фокус

Претседател на владата, Христијан Мицкоски, во кадровската сфера не прави ништо друго, туку само им обезбедува континуитет и продолжен живот на политиките на неговиот лут политички противник Зоран Заев. Најголем доказ дека е тоа така се определени кадровски решенија со кои рехабилитира одделни политички камелеони, чија превртливост е инспирирана и насочена единствено кон зачувување на криминално-коруптивно стекнатиот капитал и политиките на неказнивост.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Актуелната (не)пријателска офанзива на извршната власт против правосудството, повеќе години наназад попозната под кодното име „реформа“, веќе е во тек. Паднаа првите оставки, но и првите промоции и рехабилитации на криминално-корумпирани кадри од времето на Никола Груевски.

Она што може да се согледа по првите „робусни“ почетоци е дека не станува збор за ништо друго, освен дека зад превезот на борбата против криминалот и корупцијата (ќе) се врши повторна репартизација на судско- обвинителскиот систем.

Или, практично, тоа подразбира и значи проста кадровско-персонална замена на „нивните“ со „нашите“ кадри, судии и обвинители.

Тоа што таквата проста персонална замена на „нивните“ со „нашите“ судии и обвинители нема ништо заедничко со крајно нужните реформи во правосудството, воопшто не е важно!

Од стратегиска политичка гледна точка, важно е да се стави под контрола и да се има влијание врз судско-обвинителската власт, од проста причина што со изборите е освоена законодавната и извршната власт, а, нели, цело е кога се има сѐ.

За жал, на граѓаните тоа е лидерско-партиското поимање на демократијата во Република (Северна) Македонија од страна на сите „релевантни“ политички партии и нивните „лидери“.

КАДЕ ШТО ЈАС ЗАСТАНАВ, ТИ ПРОДОЛЖИ

Таквото однесување на актуелната власт неминовно води кон заклучок дека колку и да се менуваат партиите и ,,лидерите“ на власт, нивната политичка и криминална суштина останува иста. Во тој контекст, „борбата“ против криминалот и корупцијата нема друга смисла и цел отколку да се користи како инструмент за меѓусебни партиски и персонални пресметки и поткусурувања.

Затоа гледано од перспектива на идната година, може да се насети дека актуелниот претседател на влада, Христијан Мицкоски, во кадровската сфера не прави ништо друго, туку само им обезбедува континуитет и продолжен живот на политиките на неговиот лут политички противник Зоран Заев.

Најголем доказ дека е тоа така се определени кадровски решенија со кои рехабилитира одделни политички камелеони, чија превртливост е инспирирана и насочена единствено кон зачувување на криминално-коруптивно стекнатиот капитал и политиките на неказнивост.

Што значи тоа и како тоа ќе се одрази на понатамошната работа и политичкиот рејтинг на ДПМНЕ, не треба посебно да се кажува! Доволно е да се видат состојбата и политичката судбина на СДСМ на последните парламентарни избори, па сѐ да ви стане јасно!

СТОЈАНЧЕ РИБАРЕВ

Веројатно е дека претседателот Христијан Мицкоски не знае, ниту има поим што одделни влијателни личности во неговата партија секојдневно прават. Ама последиците од номинирањето на „граѓанскиот експерт“ Стојанче Рибарев за член (можеби се планира и за претседател) на Советот на граѓански надзор на безбедносните служби предизвикува сомнеж во искреноста на намерите за борба против криминалот и корупцијата.

Ова до толку што станува збор за човек, поранешен претседател на Апелацискиот суд во Штип и разрешен судија на Врховниот суд на РСМ. Тоа е човекот што ги има најголемите „заслуги“ за криминализација и корупција на подрачјето на Апелацискиот суд во Штип, од кои судството долги години нема да може да си го врати авторитетот меѓу граѓаните.

Доволно е да се види образложението на Судскиот совет за неговото разрешување како и неколкуте кривични пријави кои завршија во фиока на неговиот бизнис-партнер – поранешен шеф на Основното, а сега шеф на Вишото јавно обвинителство, Ристо Бојаџиев.

Ако кон нив се придодадат уште еден-два основни и виши јавни обвинители, разрешен судија на Основниот суд, адвокати, нотари и извршители ќе се добие малку појасна слика за рамништето и степенот на организираност во вршењето на кривични дела, се разбира, според законот. Ама не законот каков што е – туку како што тие, нели, овластено го толкуваат.

Па, така како доказ, се разбира согласно Законот за девизно работење, оваа играна организирана банда на судии, обвинители, адвокати, итн. признава писмо од три реда, а ги отфрла истрагите на Финансиската полиција и наодот и мислењето на Бирото за судски вештачења. И сето тоа во името на слободното судско убедување!

Каква порака до граѓаните, и особено, до професионалните, стручни и чесни судии ќе испрати актуелната власт со ваквите свои кадровски решенија е сосема јасно. Особено што станува збор за човек кој за помалку од десет години „чесно“ извршување на судиската функција се стекнува со неколку станбени единици деловен и станбен простор во Штип, Скопје и во Љубљана вредни повеќе од милион и пол евра!?

Но, она што уште сега е јасно е дека и понатаму ќе нема правда ако неговиот студентски „цимер“ и професионален партнер, судијата Наќе Георгиев, одлежува казна затвор за поткуп од „мизерни“ десет илјади евра, а тој ужива во трошењето на „чесно“ заработените милион евра, па дури е на пат да добие и политичка промоција.

Ама, нели, сѐ е можно ако се имаат вистински врски и „спонзори“, како и доволно украдени пари за да се воспостави нов циклус на меѓусебен поткуп!

ЉУПЧО КОЦЕВСКИ

Повеќе од сигурен сум дека прашањето на опстојување на Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, на функцијата  на која се наоѓа сега, допрва ќе ја бранува македонската јавност. Да сум на местото на актуелниот претседател на влада, Христијан Мицкоски, јас би го оставил господинот Коцевски да продолжи да си ја врши работата за која е избран, со оглед дека во времето дадено како подготовка за ,,предвремен испит“ му проработи инстинктот за професионално и политичко преживување.

Свесен за „хајката“ што се води против него од страна на извршната власт, а без чувство за самокритика дека не е на нивото на задачата за која е платен, сепак државниот јавен обвинител како да реши да се разбуди од зимскиот сон, па да направи нешто одговорно и разумно за себе, за функцијата што ја врши за граѓаните и државата чии пари ги троши.

Сепак, тоа само по себе, не е доволно да преживее и функцијата што ја врши. За и следната Нова година господинот Коцевски да ја пречека во канцеларијата на ДЈО, нужно ќе мора да оствари какви било резултати. И тоа резултати како според вкусот на извршната власт, така и според потребите на граѓаните и правната држава.

Големото прашање е дали граѓанинот Љупчо Коцевски морално и психолошки е подготвен да го прифати и професионално и одговорно соодветствува на таквиот предизвик, или, пак, со недефинирано, нерешително и конформистичко однесување ќе ги прокоцка како довербата и парите на граѓаните така и сопствената стручна и човечка кариера.

Да веруваме дека најнакрај во корист ќе бидат граѓаните и владеењето на правното во државата. Ама до тогаш не останува ништо друго освен безнадежната надеж и воскликот:

Да живее „борбата“ против криминалот и корупцијата!

Вечна да е Република Криминална Македонија!

Поврзани новости